Македонија
31. December 2016 - 13:40

Груевски: Поголем број инвестиции, работни места и зголемување на стандардот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во новогодишно обраќање порача дека напорите на сите по неодамнешните парламентарни избори треба да бидат во насока на развој на државата, како и да се намали преголемиот политички јаз и да се надградуваат меѓуетничките односи.
 
- На сите нам ни е потребен уште позасилен економски развој, нови работни места, повисок стандард, повисоки плати, пензии, субвенции, повеќе можности и шанси особено за секој млад човек, поспокојни денови за пензионерите, поголема сигурност за земјоделците, извесност и перспектива. Оттука, нашите напори треба да се концентрираат во тој правец, рече Груевски. 
 
Ветувањата од кампањата, потенцира, мора да се реализираат, а по формирањето на владата да се работи на развој, реформи и приоритетите за членство во ЕУ и НАТО.
 
- Разгорените страсти и преголемиот политички јаз да се намалат и нормализираат, меѓуетничките односи да се надградуваат во позитивен дух. Изборите се зад нас, и по формирањето влада треба да се зафатиме со работа и активности на економски план, на планот на реформите во сите области, на планот на стратешките приоритети за приклучувањето на Македонија кон НАТО и ЕУ, на продолжување на градење соживот и заедничка иднина за сите нас, а особено за младите. Ние сме подготвени за тоа, рече Груевски во новогодишното обраќање.