Балкан
27. јуни 2016 - 18:41

Дураковиќ: Не е посакувано присуството на српското државно раководство во Сребреница

Градоначалникот на Сребреница Чамил Дураковиќ изјави дека присуството на членови на српското државно реководство на комеморацијата за жртвите од геноцидот во Сребреница на 11 јули е „непосакувано“. 

Градоначалникот истакна дека ова е мислењето на организацискиот комитет на церемонијата, кој во предвид го зема инцидентот од минатата година, кога српскиот премиер Александар Вучиќ беше нападнат, и поради фактот дека „српското државно раководство негира дека во Сребреница е извршен геноцид“, со што се изразува непочитување кон жртвите на злосторството и нивните семејства.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, како „лицемерен чекор“ ја оцени оваа одлука на општина Сребреница, јави српската државна телевизија РТС.

- Тоа е лицемерен чекор, бидејќи со години наназад тие канеа српски претставници да пристигнат во Сребреница, изјави Дачиќ. 

Секоја година на 11 јули во  Босна и Херцеговина се одбележува годишнина од масакрот на 8.000 босански мажи и момчиња во Сребреница во јули 1995 година.

Во спомен на жртвите од Сребреница 11 јули е ден на жалост во босанската Муслиманско-хрватска федерација.