„Диџеј Aхмет“ од денеска во македонските киносали!
Филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот и сценарист Георги М. Унковски од денеска започнува со својата официјална кино дистрибуција во Македонија. Вечерва премиерно ќе биде прикажан во кино „Синеплекс“ во Скопје, во Киноверзум Скопје, Штип и Велес, во 3Д кино Битола и Манаки Битола, по што ќе започне редовно прикажување во киносалите низ целата земја во рамки на мрежата Киноверзум. Овој момент следува по успешната македонска премиера во Битола, кога филмот го затвори 46. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ се одржа на 24 јануари годинава на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, каде што филмот доби две престижни награди: наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија.
Во август филмот имаше регионална премиера во официјалната програма на 31. Сараевски филмски фестивал, каде освои уште три признанија: Специјалната награда за перспектива на младите, наградата на филмскиот портал „Синеуропа“ и наградата од публиката за најдобар филм на фестивалот.
До денес филмот е прикажан или селектиран на 40 фестивали во 10 земји и има освоено преку 20 награди, вклучувајќи ги признанијата од Санденс и Сарајево, како и повеќе награди во САД - Сонома, Лос Анџелес, Сиетл, Словачка, Чешка, Канада, Франција и Херцег Нови - Црна Гора каде филмот ја доби и наградата гранд при за најдобар филм на фестивалот.
Во претстојниот период „Диџеј Ахмет“ ќе има своја кино премиера и во Турција, ќе биде прикажан на престижниот BFI во Лондон, на филмскиот фестивал во Севиља и на многу други фестивали во Франција, Белгија, Германија и САД. Филмот има обезбедена кино-дистрибуција во сите европски земји, како и во Канада, Англија, Ирска, Австралија/Нов Зеланд, а во завршна фаза е договорот за САД. Со тоа, „Диџеј Ахмет“ е на пат да стане македонски филм со најголема кино-дистрибуција во поновата историја.
„Диџеј Ахмет“ е драма со примеси на комедија и ја следи приказната на петнаесетгодишниот Ахмет, тинејџер од јуручко село во Источна Македонија, кој наоѓа прибежиште во електронската музика. Во средина обележана со строги семејни очекувања и конзервативни норми, музиката станува негов простор на слобода и начин да го изрази својот идентитет. Неговиот пат кон созревање е полн со предизвици – очекувањата на таткото, традиционалната заедница и првата љубов со девојка која веќе е ветена на друг.
Во главните улоги настапуваат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев и Аксел Мехмет, а во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф е Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, дизајн на звукот направи Павел Јан, монтажата ја потпишува Михал Раих, а кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема Футура“ и „Сектор Филм“ од Македонија, „Алтер Вижн“ и „Аналог Вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија како и „365 Филм“ од Хрватска. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Диџеј Ахмет“ доби поддршка од Агенцијата за филм на С.Македонија со 23,5 милиони денари, од националните фондови на копродуцентите и од паневропскиот фонд Еуримаж во висина од 160.000 евра.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври и ноември 2023г во селата Коџалија и Али Коч, во близина на Радовиш и во Скопје. Со својата уникатна приказна, меѓународен успех и широка дистрибуција, „Диџеј Ахмет“ претставува значаен момент за македонската кинематографија и од денеска е достапен за домашната публика.
Комерцијален текст
Ново на Сител
-
Предизборен караван на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Капија, Конче, Неготино и Кавадарци
-
Предизборен караван на СДСМ во Конче, Пласница, Кичево и Македонски Брод
-
Тема на денот со Ана Марјановиќ од ХЕМА-ОНКО, здружение посветено на пациенти со рак
-
Онкологот Васев бара неговиот предмет да го превземе државниот јавен обвинител
-
Може ли рана дијагноза на рак на дојка ако за дијагностички процедури се чека со недели?
-
Без пожари на Вардариште и Дрисла во Скопје, мерки за поддршка на бизнисот во Куманово
-
Филипче: Власта шири лаги за СДСМ бидејќи нема проекти и европски реформи
-
Сообраќајната инфраструктура фокус на кандидатите во Чаир