Македонија
3. April 2021 - 17:09

Болниците преполни, салата Борис Трајковски подготвена за масовна вакцинација

Драматичната слика со полни болнички соби продолжува. Изминатото деноноќие само во скопските ковид центри биле хоспитализирани 103 пациенти. 50 семејства, пак, вчера останаа без своите блиски кои ја изгубија битката со вирусот и влегоа во рекордната црна статистика. Многу од пациентите имаат тешка клиничка слика и тоа го потврдува и министерот за здравство. 

- За сите пациенти колегите прават сѐ, но има многу пациенти со тешка форма, со манифестација на белите дробови и крвта, каква колегите од пулмологија и инфективна медицина досега не виделе и кај нив нема одговор на терапијата, изјави Венко Филипче министерот. 

Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјата е поголем од бројот на вакцинирани. Но здравствените власти најавуваат големи бројки на лица кои ќе бидат заштитени, а тоа се очекува со стартот на масовната имунизација во Борис Трајковски. Во понеделник дури 3000 лица ќе излезат од спортскиот центар со примена доза на Спутник В.

За почеток ќе бидат вакцинирани околу 4.000 луѓе дневно ширум државата, а веруваме дека таа бројка за кратко време ќе достигне и 7.000. Такви се проекциите.

- Апелирам граѓаните активно да се вклучат во процесот на вакцинација затоа што тоа е единствен начин да го победиме вирусот и да се вратиме на нашите нормални навики, вели Филипче. 

Многу сестри, лекари и останат административен кадар од понеделник работните места ги селат восалата Борис Трајковски. На испомош ќе има и 40 студенти од фармација и медицина кои сакаат да помагаат. И познатиот Космонаутко наместо со земање на брисеви на терен ќе работи во големиот вакцинален пункт.

-Овде сум како медицинска сестра, и имунизацијата е значајна и треба луѓето да се вакцинираат, тоа е мојот апел. Сите вакцини се безбедни, вели Денис Јанкуловски од Центар за јавно здравје Скопје.

Во спортскиот цвентар денеска имаше генерална проба за сите да си ги знаат позициите. Граѓаните ќе влегуваат на два влеза. Прво поминуваат покрај тимовите од Црвен Крст за согласноста. Потоа кај лекарите и на крај во еден од 48-те паравани каде ќе биде боцкањето.

По боцкањето сите седат најмалку 15 минути на опсервација. На одење големиот натпис ги потсетува дека ќе треба повторно да се вратат за 21 ден на ревакцинација.