Владата, синдикатите и работодавачите седнаа на заедничка маса
Владата, сидникатите и работодавачите седнаа на заедничка маса. Конституиран е новиот економско социјален совет. Седницата ја отвори премиерот Мицкоски кој кажа дека Владата не сака да се наметне како авторитет, туку ќе биде партнер и на двете страни. Нагласи дека наследил распаднати институции со огромни долгови. Само за тековни расходи заклучно со јуни во државната каса недостасувале 30 милијарди денари.
„Можеби за првпат се случува некоја влада во првите 100 дена да биде така жестоко нападната од страна на синдикатите и организацијата на работодавачи. Не знам кои беа причините и мотивот. Бев шокиран и изненаден, имајќи предивид дека наследивме распадната држава. Наследивме буџетска сметка со 200 милиони евра во минус или 12 милијарда денари. Девизна сметка на која имаше само 47 милиони евра. 71% потрошен дефицит од планираниот, а помината само половина година. Состојбата беше повеќе од катаклизмична“ – Христијан Мицкоски, премиер
Претседател на економско-социјалниот совет ќе биде министерот Дурмиши. Тој рече дека биле изнесени повеќе предлози и барања, а официјално ќе бидат разгледани на првата наредна седница.
„Ќе ги слушнеме барањата и од синдикатите и од работодавачите, од сите засегнати страни, па на крај ќе донесеме заеднички одлуки и мерки затоа што сите страни имаме една цел, а тоа е подобрување на стандардот на нашите граѓани“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
На средбата синдикатите побарале платите да растат побрзо. За работодавачите, пак, најголем проблем е недостигот на работна сила и зголемувањето на продуктивноста.
„На Владата и пренесовме дека работниците очекуваат пораст на платите со забрзано темпо. На работодавачите од приватниот сектор им укажавме дека потпишувањето на општиот колективен договор за приватниот сектор е неопходно да се случи што е можно побрзо, за што веќе имаме започнато и дијалог. Сметаме дека тоа што го дискутиравме денеска на седницата на економско социјалниот совет би требало да даде резултати во многу скоро време“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
„Ние најмногу би сакале да разговараме за недостатокот на работна сила, зголемување на продуктивноста, да најдеме механизми како да работиме на зголемување на продуктивноста. Со тоа ќе ја намалиме сиромаштијата, ќе го намалиме бројот на луѓе кои примаат минимална плата и сите да бидат позадоволни и посреќни бидејќи минималната плата е за почетниот работник. Сето останато треба да биде заслуга на продуктивноста на вработените во една компанија“ - Владанка Трајкоска, претседател на Организација на работодавачи
ССМ уште на првомајските протести побара минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада, без разлика кој и да ја формира, но тоа не се случи.
Во моментов минималецот изнесува 22.500 денари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар