Македонија
22. May 2024 - 16:42

Веќе пет дена хируршките клиники функционираат со затворени сали

Кој си поигрува со стотици пациенти кои чекаат за операција? Веќе петти ден е во колапс хируршкиот блок во Мајка Тереза кој порано го нарекуваа врвот на македонското здравство. Проблеми со компримиран воздух и неподнослива смрдеа во салите е причина што болни си одат дома без извршена интервенција и незнаат кога повторно ќе се најдат на листата за оперативниот блок. Итни случаи препраќаат во ГОБ 8 ми септември и клиниката Свети Наум Охридски, а надзор вчера направил и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

-Ние не можеме да постапиме по оваа проблематика, од причина што само проверивме дека на сите хируршки оддели има централен довод на гасови. Бидејќи не сме надлежна институција по истото само го информиравме министерството за фактичката состојба а тоа е дека салите се сеуште затворени до решавање на проблемот бидејќи се шири непријатна миризба во салите, вели Рената Младеновска, директор на ДСЗИ

Хирурзите нервозни, пациентите под стрес а надлежните неусогласени. Од Министерството за здравство иако синоќа пратија соопштение дека салите ќе бидат пуштени, никој не доставил писмено известување до клиниките дека можат безбедно да работат. А дека работата е сериозна зборува и фактот дека здравствените власти побарале помош и од Обвинителството бидејќи ова е вторпат во еден месец да бидат затворени сите операциони сали. Од ЈОРМ ни потврдија дека го добиле известувањето и ќе проверат дали има елементи на кривично дело...

А наспроти хаосот на хирургија, директорката на Токсикологија засега куртули од казна. Од ДСЗИ при денешниот надзор утврдиле дека договорците кои ги вработила се само со нејзин потпис иако е неопходно да биде потпишан и другиот директор. Но дали ќе има санкции треба да одлучи министерството.

-ДСЗИ ќе го испрати предметот до Министерството за здравство за да ја провери валидноста на договорите за вработување, вели Младеновска.

Се очекува во текот на утрешниот ден надлежните да се изјаснат како ќе го решат хаосот на скопските клиники.