Македонија
15. јуни 2024 - 16:34

До утре комплетен список на министрите на Владата на Мицкоски

Се комплетира списокот на министри и заменици за новиот владин кабинет што ќе го предводи Мицкоски. Три дена пред тој официјално да ја достави предлог Владата до Собранието, сите негови партнери денеска ќе ги објават имињата за ресорите што тие ги добија со коалицискиот договор. ВМРО-ДПМНЕ пак, компелтниот список на своите кадри ќе го утврди утре попладне на седници на Извршниот и Централниот комитет.

Неофицијално, министер за одбрана ќе биде Мисајаловски, додека за внатрешни работи Тошковски. За надворешни работи се планира Муцунски, а за транспорт  - Александар Николоски кој ќе биде и вицерпемиер. Ресорот финасии очекувано ќе го предводи Гордана Кочовска Димитревска. Министерството за локална самуправа му било понудено на Митко Јанчев, но во договор со Мицкоски тој останува кавадаречки градоначачник.

Партијата на Мицкоски со неговите помали коалициски партнери ќе раководи со уште 12 ресори.

Од интерната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ сигурно е дека Љупчо Димовски од СПМ ќе биде министер без ресор задолжен за политички систем.

Од ЗНАМ и официјално синоќа објавија дека Горан Минчев е планиран за министер за јавна администрација, додека за правда Игор Филков.

Алтернатива на Гаши вечерва ги потврдува своите кадри во Владата. За министер за европски прашања се предлага Орхан Муртезани.

Своите предлози веќе ги потврди и Демократско движење на Изет Меџити. Тој ќе стане прв вицепремиер и министер за животна средина. Од Алијанса на Таравари се предлага за министер за здравство, но за да стане официјален предлог ги чека најавените измени на законот за локална сауправа со цел да нема предвремени избори во Гостивар кога ќе ја напушти градоначалничката функција.

БЕСА пак, уште пред два дена ги објави своите кадри Фатмир Лимани за социјална политика и млади и Бесар Дурмиши.

Владата според најавите треба да биде избрана наредниот бикенд, или евентулано понеделникот на 24 јуни.