Македонија
15. јуни 2024 - 16:34

Зголемен обем на работа во ГОБ 8 септември поради хаосот со салите на Клинички, а кадарот масовно си заминува

Во ГОБ 8 септември имаат зголемен обем на работа поради хаосот со хируршките сали на Клинички, а кадарот масовно си заминува. Според независниот синдикат за здравство при КСОМ само последниот месец во приватното здравство или во странство си заминале 15 –тина здравствени работници.

- Намален е бројот на медицински персонал. Мора да се најде решение ако не можат да оперираат ка клинички нека го распределат персоналот во Наум Охридски и во ГОБ 8 септември за да се постигне да не трпат пациентите, изјави Слободан Аксиќ, од независниот синдикат на здравствени работници при КСОМ

- Од тоа што се платите многу добри во јавното здравство луѓето го напуштаат јавното здравство, си бегаат и се случува егзодус на што предупредуваме веќе 6-7 години, изјави м-р Боби Бојчевски, претседател на Независниот синдикат на здравствени работници при КСОМ.

И од здружението на матични лекари бараат прераспределба на кадар и покриеност со специјалисти и дијагностика на целата територија на Македонија и секогаш здравствените власти да имаат план Б во ситуации како што е хаваријата со хируршките сали.

- Многу пати како ЗПЛРМ сме алармирале дека треба прераспределеност на кадарот. Секоја  власт треба да има план Б, за да се надминат веднаш вакви ситуации како што се случи со хируршките сали на клинички, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател ан ЗПЛРМ.

За хируршките сали на Клинички од независниот синдикат на здравствени работници при КСОМ сметаат дека е потребно долгорочно, а не привремено решение.

- Темелно изготвување на проект, каква опрема да се набави, какви компресори, изјави проф. д-р Методија Трајановски, од независниот синдикат на здравствени работници при КСОМ

Хаосот на хируршките клиники настана пред околу еден месец кога салите останаа затворени,  а на многу болни операциите им беа одложени. За да се вратат во нормнална функција и тоа кон крајот на годината клиниките треба да издвојат 28 милиони денари, толку чини нова компресорска станица и промена на инсталацијата.