Бизнис
23. January 2025 - 16:31

Унгарскиот заем наскоро ќе биде достапен за фирмите

Во вторник Владата ќе ги усвои двата договори, неопходни за користење на унгарскиот кредит. Веќе следниот ден бизнисот ќе може да аплицира за ветените 250 милиони евра, вели владиниот портпарол. За да можат да ги користат овие пари компаниите, неопходно е на владина седница да се допрецизираат условите кои ќе треба да ги исполнат, но и да се дефинира начинот како ќе се префрлаат парите.

- Како Влада најавивме дека до крајот на јануари се очекува кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите да стане оперативна. Тоа е веќе следната недела и очекувам на таа владина седница сите овие процедури да бидат завршени со што компаниите ќе можат да ги користат овие финансиски средства - рече Митева во одговор на новинарско прашање.

Комерцијалните банки уште во декември почнаа преговори за заинтересираните клиенти. Првично парите беа најавени дека ќе ги користат производствените компании, за опрема и погони, како и оние кои ќе инвестираат во обновливи извори за сопствена употреба. Минатата недела владата ги смени условите и дозволи со унгарските пари да можат да се градат и комерцијални енергетски капацитети, за трговија со струја, односно и оние кои ќе градат мали хидроцентрали и ветерници. 

Инаку макисмалниот износ на кредитот е 10 милиони евра, од кои 20% е сопствено учество. Првите 3 години компаниите нема да плаќаат камата, а следните 12 по 1,95 отсто.