Бизнис
8. April 2025 - 16:37

Почнаа преговорите со САД за намалување на високите царини кои ни ги наметна Трамп

Почнаа преговорите со САД за намалување на високите царини кои ни ги наметна Трамп. Не се исклучува можноста и за целосно укинување на тарифите од македонска страна, со што се очекува и САД да  возрати, односно да ја изземе Македонија од листата.

Министерката за финансии оптимист – трговијата со САД е многу мала, последиците врз домашната економија нема да бидат сериозни.

– Невозможно е преку ноќ да се случи нешто. Компаниите може да имаат намалено производство, но нема да ги отпуштат вработените на краток рок. Во меѓувреме европските држави ќе се договорат со САД. Во делот на преселба на капиталот нема да има реакција, бидејќи тоа е долг процес, и нема да се случи дека ќе има отпуштање од работа, затоа барам да не се крева паника во тој однос– рече министерската Гордана Димитриеска Кочоска

Од СДСМ пак, ја повикуваат владата веднаш да започне сериозни преговори, за да не трпи економијата.

- СДСМ смета дека владата мора веднаш да седне на маса со претставници од американската администрација и да започне сериозни преговори. Секое друго сценарио, секоја избрзана мерка – може дополнително да ги влоши состојбите. Доста се владини експерименти со економијата, потребна е сериозност и одговорност, вели Кристина Костова, СДСМ

За разлика од властите, економистите со спротивен став. Негативните ефекти би се почуствувале за 2 до 3 месеци. Ќе растат цените на увозните производи, ќе се намали побарувачката на домашни производи за европскиот пазар, ќе се намалуваат девизните приливи, ќе се наруши билансот на плаќања, но ќе има и помалку пари од иселениците од странство.

- Сметам дека тоа ќе се преслика и на намалување на извозот и со тоа директно ќе се влијае и на намалување на биласнот, на плаќања, а токму таа извозна компонента го држи нашиот биланс на плаќања во добра кондиција. Неминовно ќе биде и дел од капацитетите да го преселат капиталот во Косово, Албанија или Црна Гора, каде царините се доста понсики, односно 10%, изјави Зоран Ивановски, универзитетски професор

Царините на Трамп го зголемија стравот и неизвесноста кај инвеститорите. Акциите губат од својата вредноста, берзите и натаму паѓаат, а денеска во црвено беше и македонската берза. Светот се подготвува за рецесија, каде губитници ќе бидат сите економии. 

- Рецесијата води до зголемување на невработеноста. Порастот на цените пак ќе притиска врз инфлацијата, а инфлација со негативни стапки на раст, значи стагфлација, кое е погубно, најмалку посакувано сценарио, додава Ивановски.

Трамп денеска ја одби понудата од Брисел за нула отсто меѓусебни царини за автомобили и индустриски стоки. Вели дека предлогот на Фон дер Лајен не е доволен. Ако Унијата сака изземање од царините, ќе мора да купува американски енергетски производи во вредност од 350 милијарди долари, колку што е дефицитот на САД со Унијата.