Македонија
7. August 2025 - 16:31

Трите големи банки ги намалуваат надоместоците за граѓаните и компаниите, вели Славески

Трите големи и една средна банка ги намалија трошоците за банкарски услуги, кажа гувернерот Славески. Граѓаните се известени, вели тој, а колкаво е намалувањето зависи од секоја банка. Се очекува ова да го направат и останатите банки.

„Банките се повеќе почнуваат да ги нудат бесплатно плаќањата коишто се иницирани преку електронското и мобилното банкарство и се извршуваат во нивните интерни системи, односно кога плаќачот и примачот имаат сметка во истата банка, за што претходно поголемиот дел од нив наплатуваа надоместоци“ – Трајко Славески, гувернер на НБРМ

Народната банка ќе покрене иницијатива и за законски измени за платежната сметка со основни функции. Со измените, ваква сметка ќе може да се отвори без да се затвораат други сметки и да се користи и кога некој нема доволно пари – со дозволено пречекорување. За граѓаните над 62 години ќе се овозможи и бесплатно плаќање преку шалтер. Во пакетот ќе има можност 4 пати месечно да се подигаат пари од банкомати на други банки, по 2.000 денари од трансакција.

„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена на најмногу 0,1% од неа, што согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, би изнесувала 36 денари на месечно ниво. Граѓаните кои и припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани ќе може да ги добиваат услугите бесплатно“ – Трајко Славески, гувернер на НБРМ

НБРМ ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.

„Ова ќе значи дека граѓаните во помалите населени места на територијата на Република Македонија не мора да бидат врзани со своите плати, пензии и други приходи, само за онаа банка која има банкомат во тоа населено место, туку ќе може да се оптимизира мрежата на банкомати. Ако живеете, на пример, во Пехчево, не мора да одите во соседното Берово, или обратно. Ако живеете во Вевчани не мора да одите до Струга по готовина затоа што имате само еден банкомат од „Х“банката“ – Трајко Славески, гувернер на НБРМ

Славески кажа дека Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси. Целта е да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата.