Психијатар тврди дека Раде Трајковски – Штекли има шизофренија и не треба да му се суди
Раде Трајковски – Штекли кој преживеа три напади, денеска седна на обвинителната клупа во скопскиот Кривичен суд. Со наведната глава и гледајќи во еден правец го слушаше неговиот адвокат кој тврдеше дека Трајковски не може да го следи судењето како обвинет за трговија со дрога. За неговата состојба, одбраната побарала и психичко вештачење, според кое, ангажираниот психијатар напишал дека Раде Трајковски страда од психотично растројство со шизофрени карактеристики. Според проценката, неговото повлекување почнало пред три години кога се изолирал во домашна средина, започнал да медитира и создал свој замислен свет.
„Од пред три до четири години, Раде постепено се повлекува од околината, се изолира во домашната средина, почнува да се бави со медитација и други активност кои ги толкува со заблуда врз кои гради цел систем на способности. Има свој имагинарен учител, светло битие со огромна светост кој го подучува на патот на вечниот живот. Поставил камери на живеалиштето и настаните во околината ги толкува на параноиден интерпретативен начин, тврдејќи дека албанска мафија се здружила против него и го полудуваат“, се вели во психијатриското вештачење за Раде Трајковски – Штекли.
Менталното здравје на Штекли го анализирало и обвинителството. Лекар од психијатриската болница Бардовци заклучил дека Трајковски може да го следи судењето, расудувал и бил пресметлив. Заради разликите во вештачењата, судот нареди на следното рочиште да се појават и двајцата психијатри да ги појаснат своите наводи.
Освен Трајковски – Штекли, на обвинителна клупа за трговија со дрога седат уште деветмина. На самиот старт од денешното рочиште, четворица од нив, признаа вина – Бранислав Зајков, Данчо Масев, Владимир Веселиновски и Димитар Трајков пресудата по признание на вина ќе ја слушнат утре попладне. Судењето за Штекли и останатите петмина продолжува на трети септември.
Според обвинението, групата се занимавала со набавка и продажба на кокаин и марихуана. Дрогата ја чувале во изнајмени станови, а меѓусебно комуницирале преку апликацијата снепчет.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар