Паркингот на Клинички ќе има нов ценовник – Пациентите ќе плаќаат повеќе од сега, но помалку од вработените!
Цената за паркирање на скопските клиники сепак ќе поскапи, но пациентите ќе плаќаат помалку од вработените. Министерот за здравство најавува каскаден систем со цени различни за сите кои влегуваат во кампусот Мајка Тереза. Азир Алиу ќе воведува дигитализација на паркингот која не предвидува и изградба на катни гаражи кои неговите претходници го сметаа за единствено решение на деценискиот сообраќаен хаос.
- Ќе има четири различни влезови на новиот паркинг на Клинички, односно за онколошки пациенти влезот ќе биде бесплатен, за пациенти со упат влезот ќе биде евтин, не знам колку е сега за да компарирам, за вработени ќе има трета цена и за граѓани кои доаѓаат поради икс причини ќе биде четврта цена која што ќе биде најскапа, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Алиу дополнително на нова прес конференција ќе појаснува како ќе знае апаратот на влез кој е пациент а кој дошол без упат само за нешто да праша. Деновиве треба да потпишат договор со Градски паркинг кој ќе продолжи да стопанисува со паркингот а дуплирањето на паркинг местата како што ангажирани архитеки го информирале Алиу по проверка на теренот ќе бараат во неискористениот простор што го имало околу клиниките.
- Ќе имаме најсовремен паркинг во Македонија, не само во Скопје. Ќе биде фул дигитализиран, смарт паркинг кој од самиот влез до излез ќе ја следи колата и местото на паркирање, вели Алиу.
Алиу најави и отворање на нов влез позади Кардиологија а бројот на излези ќе биде ист.
Претходникот на Алиу, Таравари го поништи тендерот со Ѓока инженеринг која требаше да стопанисува со паркингот, а неколку министри претходно само најавуваа изградба на катни гаражи.
Со години наназад на скопските клиники е вистински сообраќаен хаос и болни со саати бараат слободен паркинг наместо да чекаат пред ординација.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар