Македонија
18. јуни 2025 - 16:32

Три лица на скопските клиники, по вчерашната улична пресметка со нож во Чаир

Поради недоразбирање во сообраќајот до борба за живот.

14-годишник и татко и син завршија на скопските клиники, откако вчеравечер со ножеви пресметале во Чаир. Според информациите од Ургентен центар, 14-годишникот бил донесен со убодна рана во градниот кош. Ноќеска му е извршена хирушка операција и му е изваден дел од белиот дроб.

Со тешки телесни повреди, меѓу кои, убодна рана во граден кош и левата надлактица на Торакална е хоспитализиран и 56-годишникот кој бил дел од пресметката. На домашно лекување е пуштен неговиот син, кој поминал со полесни повреди, односно имал убодни рани на абдоменот и левата шака.

Денеска, од Торакална за Сител потврдуваат дека двајцата пациенти се во стабилна општа состојба.

Инцидентот е пријавен и во МВР, но се уште работат на расчистување на случајот.

На 17.06.2025 во 19.48 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул."Цветан Димов" со ул."Џон Кенеди",  по претходно недоразбирање, настанала физичка пресметка помеѓу 14-годишник од Скопје и лицата С.Р.(56) и Ф.С.(18), двајцата од Скопје, при што биле употребени ножеви и лицата си нанеле повреди.

Сител неофицијално дознава дека инцидентот се случил поради недоразбирање во сообраќајот. Пресметката кулминирала кога двете страни извадиле ножеви и си нанеле повреди.

Инциденти од ваков вид честопати ќе се најдат во полициските билтени. Експертите од областа велат дека е неопходна итна стратегија, но и промена на легислативата со која во пракса ќе се казнат сите оние, меѓу кои и малолетниците, кои се шетаат со ножеви или други орудија.