Одбраната бара ослободителни пресуди за Кешишев, Манев и Видевски за убиствата на Вања и Панче
Ослободителни пресуди за убиствата на Вања и Панче бара одбраната на обвинетите.
Влатко Кешишев се плашел од Палчо и му бил поданик, но не учествувал во убиствата, ниту во грабнувањето на Панче Жежовски. Неговиот адвокат бара да биде ослободен од убиствата кои му се ставаат на товар, а да одговара ако има евентуална вина само за грабнувањето на малолетната Вања. Бара судот да има предвид дека токму Кешишев поради грижата на совест која ја имал, ја одвел полицијата до каде што биле закопани телата.
Одбраната на Боре Видевски пак, смета дека Обвинителството не изнело никакви докази дека неговиот клиент е некако вмешан и во киднапирањата и во убиствата. Бара ослободителна пресуда, бидејќи целата истрага според него е политички монтирана и аматерски изведена, а целиот случај бил изведен како театар пред јавноста.
Велибор Манев пак, да одговара само за киднапирањата на Вања и Панче, но не и за нивните убиства, бидејќи тој не знаел дека грабнувањата на крајот ќе завршат со убиства од страна на Палевски. Тој и самиот признал вели неговиот адвокат, за вмешаност во грабнувањата, но му укажал на Палевски дека Вања не е жената која требало да ја киднапираат и му посочил да ја пуштат.
„Имал претходно договор со другите обвинети, но, немал умисла за извршување таков вид кривични дела, а инкримираните дејствија кои ги презел при извршувањето на кривичните дела грабнување немаат елементи да претставуваат основен придонес за извршувње на кривичното дело убиство, во неговите дејствија нема елементи пред законското битие на кривичното дело убиство, и нема каулизатет помеѓу преземените дејствија поради што против овие кривични дела барам судот да донесе ослободителна пресуда“.
И Владимир Туфегџиќ, адвокатот на таткото на Вања, бара неговиот клиент да биде ослободен од вина бидејќи Обвинителството немале доблест да го повлечат обвинението, иако немале никакви докази против него.
Следното рочиште завршни зборови ќе даде одбраната на Палевски, како и сите обвинети.
На минатото рочиште Обвинителството побара доживотни казни за Палевски, Видевски, Кешишев и Манев, а таткото на Вања да биде казнет со соодветна затворска казна.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар