Нов дефект во РЕК Битола - ЕСМ се сомнева во саботажа
РЕК Битола е целосно надвор од енергетскиот систем по дефект кој утрово избил во блокот 2, единствениот кој беше во активна фаза во летните месеци.
Како што информираат од ЕСМ, заштитниот механизам на вториот блок автоматски се активирал и го исклучил од системот поради зголемена температура во контролниот ормар. Од ЕСМ се сомневаат дека некој намерно запалил оган во ормарот за да предизвика испад па случајот го пријавиле во полиција.
„Со оглед дека станува збор за потенцијална саботажа, веднаш по настанот, надлежните служби на РЕК Битола реагираа согласно оперативните протоколи. За случајот е известена криминалистичката полиција, која во моментов врши увид на местото на настанот со цел утврдување на сите околности.“ – велат од АД ЕСМ.
Очекувано, случајот стана тема за меѓупартиски преписки.
„Денес, сведоци сме дека после нецела година, неспособното раководство на ЕСМ, секојдневно го упропастува енергетскиот систем со несоодветно управување, цела РЕК Битола не е на мрежа, поради пожар во командниот ормар од нередовно чистење и не одржување, и за да го оправдаат своето неспособно раководење, прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените.“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Од ЕСМ објаснуваат дека блокот 2 беше единствениот кој работеше во летните месеци поради намалената побарувачка на електрична енергија од страна на снабдувачот ЕВН. Оттаму додаваат дека целите потреби на македонскиот пазар се покриваат преку зголемено производство на хидроелектраните како и со купопродажба на електрична енергија.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар