Македонија
18. May 2025 - 16:57

Се зголемува интересот за тутунот, дали годинава ќе има повисока цена од лани и повеќе килограми?

Гоце Кебакоски од прилепското Кадино Село е само еден од повеќето тутунопроизводители кои што за оваа реколта најавуваат зголемување на површините и производството на тутун. Годинава заедно со субвенциите еден килограм тутун се плаќаше по околу 500 денари, што е една од причините за повторно зголемениот интерес за тутунот.

„Лани имав засадено тутун само 3 декари, годинава планирам да засадам 15 декари, значи 5 пати повеќе. И планирам принос од околу 3 тони. Тутунот моментално е најисплатлив од сите земјоделски гранки кои ги работиме и затоа годинава решив да инвестирам во него. Сите млади кои се занимаваат со земјоделство претежно се преорентираат на тутун“, рече Гоце Кебакоски, тутунопроизводител од Кадино Село.

И од Сојзуот на тутунски здруженија потврдуваат дека е зголемено тутунопроизводството за разлика од лани. Лани имало засадено 13.700 хектари, а годинава пријавени површини биле 14.300 хектари. Лани имало 27.000 договори, а годинава 33.000 договори.

„Зголомено е производството пред се затоа што има економски бенефит. Како култура тутунот во моментов е најисплатлива и сите земјоделци, особено помладата популација која се замива со земјоделие се преорентира на тутунот, затоа што тој има сигурен пласман и добро е платен“, истакна Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.

Македонија после Турција во моментов е втора во светот по производство на ароматичен тутун. Моментално светските потреби за ваков тутун за производство на цигари се околу 130 милиони килограми, а се произведуваат само околу 100 милиони. Тука Македонија во иднина може да ја гледа иднината во надополнувањето на овој дефицит.