Дали Македонија навистина ќе има бенефит од стратешкото партнерство со Велика Британија?
Стратешкото партнерство со Велика Британија кое идната недела вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ќе го потпише во Лондон е последно во низата кои државата ги има ратификувано со други држави и организации.
Ваквиот договор со Соединетите Американски Држави е можеби најважниот меѓународен договор за државата, иако тој дојде како утешна награда за грчкото вето во Букурешт за влез во НАТО. Стратешки партнерства за различни области Македонија има потпишано и со Унгарија, Турција, Европската Унија, Азербејџан, Швајцарија. Последниот, со Велика Британија, ќе значи вбризгување на шест милијарди евра во македонската економија, иако барем засега непознати се условите под кои ќе ги добиеме овие британски пари. За првиот човек во Владата Стратешкото партнерство ќе донесе револуција.
- Ова е договор кој ќе донесе инвестициска револуција во државата, историски инвестициски циклус со кој Македонија ќе работи, ќе се гради, ќе се развива, ќе напредува, вели мицкоски.
Но колку навистина Македонија може да има бенефит од еден ваков договор? За политичкиот аналитичар Петар Арсовски, форматот е добар, но потребна е содржина во него.
- Стратешките партнерства се добри за државата, но тие треба да се пополнат со содржина. Не сме имале случаи на Стратешки партнерства кои не сме ги искористиле доволно. Изгледа дека ова Стратешко партнерство има конкретни точки кои треба да ги исполни, но сепак, ќе зависи од капацитетот на двете Влади да го исполнат целосно, да знаеме што да побараме, што да добиеме и како тоа да го вложиме.
Арсовски сепак вели, македонската јавност се уште нема доволно информации околу парите кои државата ќе ги добие од Велика Британија.
- Стратешкото партнерство е рамка. Со што ќе ја исполниме таа рамка зависи од тоа што ние што ни е потребно и што сметаме дека ќе ни ја раздвижи економијата. И голем заем не е проблем, и враќање на заем не е проблем под услов тој да се искористи продуктивно, односно да ја раздвижи економијата. Додека не видиме кој е планот на Владата како да ги искористи тие средства и тоа стратешко партнерство тешко е да се предвидува како тоа ќе излезе на крај, вели Арсовски.
По пишувањата на британските медиуми дека Македонија е една од земјите во кои би можеле да се градат мигрантски кампови за прием на азилантите кои ќе бидат одбиени од Велика Британија, добивме демант од британскиот амбасадор во земјава. Сега и премиерот на прославата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за ова прашање, но тој смета дека опозицијата ги користи овие пишувања за политички цели.
- Замислете седнале, анализирале и во паника некој од нивните генијалци измилиле аха, ќе гладеле мигрантски кампови. Нешто коешто на памет ниту ми паднало, ниту некој побарал од нас, вели Мицкоски.
Откако Николоски ќе го потпише Договорот, тој треба да биде ратифкуван во македонската Влада и Собрание, но и во британските институции. Деталите од Договорот, условите за добивање на британските пари и начинот на инвестирање се очекува да бидат познати кога тој ќе влезе во Собраниска процедура.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар