Македонија
18. May 2025 - 16:58

Кога ќе се изгради новата Клиничка болница во Штип и болницата во Кичево кои се градат веќе со децении?

Идната недела ќе бидат познати деталите кога повторно ќе почнат градежните активности, колку ќе чинат и кога конечно ќе бидат функционални новата Клиничка болница во Штип и болницата во Кичево кои се дел од здравствените проекти од стратешкиот договор со Велика Британија за 6 милијарди евра. 

- Веќе имаме согласност за изградба на Клиничка болница во Штип тоа за источниот дел е децениски проблем, оваа болница после Клиничкиот центар во Скопје треба да е најголема во Македонија. Второ изградба на Медицински факултет комплетно нов тоа е во делот на образованието и трето студентски дом којшто би бил во поддршка на Медицинскиот факултет со најмалку 200 легла. Понатаму четвртиот проект е целосно реконструкција на Клиничката болница во Тетотово и петто изградба на нова болница со нов Здравствен дом во Кичево“. Од суштинско значење е да се направи голем и модерен Клинички центар во Скопје, кој што би бил од голема помош за граѓаните во Македонија. Ова се пет би рекол пилот проекти, коишто доколку се реализираат како што би требало, амбицијата е во втора фаза, веќе да размислуваме и за други региони, да размислуваме за Охрид, Битола, Прилеп. Исто така наша амбиција и е модерен клинички центар во Скопје, изјави на 17.05 во тема на денот во Дневникот на Сител Александар Николоски, Вицепремиер и министер за транспорт.

Клиничката болница во Штип почна да се гради во март 2016 –та, се изградија околу 40 проценти од објектот, но поради не почитување на роковите беше раскинат договорот со изведувачот. Како што беше посочено и во извештајот на ДЗР  поради ова случајот е на арбитража и фирмата бара отштета од 22 милиони евра од државата. Тогашниот проект за штипска клиничка ревизорите го процениле на 49.3 милиони евра. Колку пари сега ќе чини доизградбата на медицинскиот комплекс ќе се знае до крајот на мај кога ќе биде познато и кој ќе го гради. Во постоечката болница пак која е регионален центар за Источна Македонија годишно здравствени услуги добиваат повеќе од 150.000 пациенти, а бројката се зголемува од година во година.

- Податоците кои ги имаме се од 2023 година кога во болницата се евидентирани 150.000 прегледи, а во 2024 година бројката е за 10 проценти поголема, изјави д-р Владко Захариев, директор на Клиничката болница во Штип.

Според неофицијални информации експерти од Британија веќе направиле скенирање на теренот не само во болниците во Штип и Тетово, туку и во Кичево каде карабината стои повеќе од 20 години и допрва ќе се одлучува дали повторно ќе гради од темел или ќе се доизградува.