Македонија
17. November 2025 - 16:34

Почна пријавувањето за ваучери за електронски уреди, но падна страната каде што студентите треба да аплицираат

Се отвори повикот за аплицирање за долгоочекуваните 250 евра за електронски уреди. Повикот е отворен од утрово, но сајтот каде стидентите треба да се пријават за да ги добијат парите падна уште во првите неколку часа поради преоптовареност.

Сител проба да ја вклучи страницата на Националниот портал за е услуги, но безуспешно. Од Министерството за дигитална трансформација велат дека се покренува дополнителна инфраструктура за да се подели оптоварувањето и да може да се опслужат повеќе апликации.

-Досега има 920 успешни апликации и се подобрува достапноста со секоја тековна интервенција. Напоменуваме дека не се работи за проблем во софтверската апликација, туку за капацитет за опслужување на големиот обем на апликации, ни одговорија од ресорното министерство.

Пари може да добие секој студент на прв циклус студии што не е постар од 29 години, без разлика дали е запишан вонредно или редовно. Ваучерот може да го искористи до крајот на годината во точно утврдени продавници за електроника, објавени на сајтот заедно со повикот.

Во меѓувреме, поради неажурноста на факултетите, илјадници студенти не ги добија парите за оброк минатата недела иако им следуваа. Средствата место кај студентите, си останаа во државната каса.

„За жал да, неколку факултети не ги пријавија сите редовни студенти и за тој пропуст враќање назад нема. Но, за следниот месец тие ќе си ги добијат средствата. Се јавивме на факултетите, ги споредивме списоците, побаравме да бидат ажурирани. И за разлика од минатиот месец, овој месец имаме поголем број на студенти, изјави министерката за образование и наука.

ФЕИТ, Педагошки факултет, Мајка Тереза се дел од факултитетите кои не испратиле ажуриран список со редовни студенти, обврска која треба да ја извршуваат на месечно ниво.