Македонија
17. November 2025 - 16:39

Во 34 години македонскиот Устав е сменет 8 пати, претседателот на Уставен повикува на негово почитување

Пред точно 34 години Собранието го донесе македонскиот Устав.

Речиси три месеци по прогласувањето на независноста, 92 пратеници ги поставија и правните темели на Македонија. 

Првиот човек на Уставниот суд денеска порачува – почитувањето на уставот е највисок чин на патритозам и обрвска кој секој граѓанин ја има кон татковината.

-Да му бидеме лојални на Уставот, тоа е наша должност. Изградбата на правна држава денес претставува чин на врвен патриотизам и љубов кон сопствената земја, како и најсигурен начин да се зачува заветот на предците и да се обезбеди иднина за наследниците во слободна, демократска и просперитетна држава. Ве повикувам на овој ден, како генерација да ја исполниме нашата должност кон татковината, нагласи претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.

Во овие 34 години македонскиот Устав има претрпено 8 измени со 36 амандмани. Со првата измена само два месеци по неговото донесување, Македонија се обврзала дека нема територијални претензии кон соседните држави.

Уставот беше променет и во 2001та кога беа донесени 15 амандмани како обврска од Охридскиот рамковен договор.

Последните измени на највисокиот пртавен акт беа направени на почетокот на 2019-та кога името на државата беше променето во „Република Северна Македонија“, како резултат на договорот со Грција.

Држава сега е пред ново барање за промена на Уставот како услов за старт на преговорите со Европската Унија. Владата пред две години го стартуваше процесот со поднесување на амандмани со кои во Преамбулата на Уставот треба да влезат Бугарите и уште пет други народи. Предлогот беше прифатен од собраниската комисија за уставни прашања, но никогаш не се најде на пленарна седница бидеќи власта не обезбеди мнозинство од 80 пратеници.