Македонија
17. November 2025 - 21:16

Предлог-буџетот утре на амандмантска расправа

Заврши општата расправа – предлог буџетот за 2026 утре ќе оди на амандмантска расправа. Потпретседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Јована Тренчевска најави дека тоа ќе се случи по завршување на утрешната пленарна седница. Поднесени се над 200 амандмани.

Власта и опозицијата различно гледаат на предлог-буџетот. За власта тој е развоен и реален, за опозицијата тој нема да го подобри стандардот на граѓаните и условите на државата.

Пратеникот Димитар Ковачевски смета дека предложениот буџет не е фискално одржлив и развоен и оти не обезбедува соодветна фискална консолидација. Рече дека во предлог-буџетот преовладува инвестирањето во „Бехтел и Енка“ и на Коридорот 8 кон Бугарија. Проектите за здравство и брзата пруга кон Грција, пак, се буџетирани со ниски средства, вели тој.

Предупреди на зголемување на јавниот долг.

-Јавниот долг во 2026 ќе оди над 62% од БДП. Планирано е ново задолжување од 120 милијарди денари на странскиот и домашниот пазар на капитал. А тоа значи континуиран раст на задолженоста и растечки трошоци. Доколку се реализира препораката на Фискалниот совет презентирана во Собранието на оваа говорница, во јавниот долг да се вклучат и доспеаните долгови на јавните претпратија, тогаш јавниот долг ќе изнесува над 62%.

За власта, пак, токму претходната влада која ја водеше Ковачевски е виновна за зголемување на долгот на државата, а граѓаните од тоа немале никаков бенефит.

-Овој народ го интересира да му кажете зошто дојдовме од 4,7 на 9,7 милијарди евра долг. Каде се тие 5 милијарди? Што направивте со тие 5 милијарди и да ни кажете што ќар имаме од тоа што овдека имавте мнозинство? Бидејќи во Македонија ѓаволот одамна ја однесе шегата, ја нема. Имаме сериозни проблеми. Некој овдека се труди да извади максимум. За разлика од претходно кога не убедувавте дека пензионерите можат да добијат по 180 денари годишно, кога вие бевте премиер, не ни кажавте како може сега 7.000 денари.

2026 ќе биде година на враќање на стари долгови и нови задолжувања. Државата планира следната година во државниот буџет да влезат 6 милијарди евра, а да се потрошат 6,7 милијарди евра. Следната година државата ќе мора да врати стар долг од околу 1,22 милијарди евра, а планира да се задолжи за 1,96 милијарди евра.