Платите на административците во независните институции ќе се изедначат со останатите плати во јавниот сектор
Независните државни институции нема да можат самостојно да си ги зголемуваат платите. Со новиот закон за административни службеници, вработените во АЕК, МЕПСО, ЕСМ, Регулаторната комисија за енергетика, Агенцијата за цивилно воздухопловство и административците во Собранието ќе имаат исти плати за истата работна позиција како вработените во останатите јавни сектори.
За секое покачување на платата, ќе им треба согласност од министерството за финансии, пишува во член 71 од новиот закон. Ресорниот министер Минчев вели, целта не е да се намалат нивните плати, туку да им се зголемат на оние кои работат за двојно пониска плата.
-Се работи за регулаторни тела и за неколку служби на одредени институции коишто сами за себе велат дека се самостојни и независни, што е точно. Се работи за бројка од околу 1.500 вработени коишто зимаат едни како служби 40 до 60 проценти повеќе плата од другите 115.000 илјади вработени во јавниот сектор, а во регулаторните тела имаме ситуации каде што одредени вработени, зборам оние коишто обавуваат иста дејност како сметководство во една институција и во друга имаме ситуација каде што некои вработени зимаат и од 80 до 100 проценти повеќе плата од останатите. Но платите нема да се намалат, изјави Горан Минчев миниситер за јавна администрација.
Вчера Синдикатот на УПОЗ обвини дека вработените во министерство за админситрација работат под притисоци и кратки рокови, затоа што пред избори треба ги спроведат постапките за вработување на над 730 лица. Прашуваат зошто неместо нови вработувања не се зголемат платите во ова министерство, кои се за 80% пониски од просечната. Минчев демантира дека станува збор за предизборни вработувања, туку дека ќе се пополнуваат испразнетите места.
Инаку новите закони за јавниот сектор треба да донесат вработувања по заслуги и знаење, а не по партиски клуч. Унапредување по јасни критериуми, а не по врски. Минчев очекува административците да станат професионалци, за граѓаните да добиваат квалитетни и навремени услуги.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар