Бизнис
9. April 2025 - 16:42

Полицајци им помагале на затвореници да бараат дрога, се правдале дека барале часовник земен од затворското куче

Двајца затвореници од затворот Штип доцна навечер барале дрога која им била фрлена преку ѕидот, полицајците пак им помагале и им светеле со ламби. Следниот ден кога директорот ги прашал зошто им светеле на затворениците- им одговориле дека го барале саатот на затвореникот, кој му го украла затворската кучката Цеца.

Во топката што ја барале и затворениците и полицајците имало 35 грама кокаин и 50 грама марихуана, полицијата ја нашла дури следниот ден кога се разденило.

По филмското сценарио, директорот формирал дисциплинска комисија, но мнозинството им верувало на полицајците дека го барале скапиот часовник на затвореникот што го украла кучката Цеца.

Идентификувани се лицата и кои со возило ја префрлиле дрогата преку затворскиот ѕид, полицаецот кој овозможил автомобилот да стигне толку блиску до ѕидот, но одговорност ќе има и за полицајците што ја барале дрогата заедно со затворениците.

Според Пандов, затворскиот систем во Македонија е најкорупмиран. 50% од затворската полиција е корупмирана, затоа е и толкав бројот на мобилни телефони што има во затворите. За девет месеци се пронајдени над 1.000 телефони, а за еден телефон се нудат и по неколку илјади евра.

За да се искорени корупцијата од затворите, треба корумпираните полицајци да бидат отпуштени и да одговараат пред законот, вели Пандов.

Денеска од министерството за финансии им се одобрени 171 нови затворски полицајци.