Мечките повторно се спуштија во селата во Реканскиот регион
Мечките повторно се спуштија во селата во мавровскиот регион. Локалното население тврди, мечките слободно шетаат навечер. Недостатокот на храна ги охрабрува да движат блиску до населени места. Населението стравува за сопственото здравје
- Оставени сме сами на себе во овој регион, искрано. Така да, доаѓа еве сега бербава, може да се сретнеш некогаш и во берба си мечката. Не дај Боже, не дај Боже... Деца поминуваат тука, ајде ние како повозрасни може да се снајдеме некако, ама дете мало не дај Боже... вели Борче Божиновски од селото Ростуше.
Дел од земјоделците веќе имаат штети. Сандаците со пчели и дрвата со јаткасти плодови засега се главна мета на мечките. Борче Божиновски, иако плацот го градил, вели, досега неколку пати влегла внатре и направила огромна штета.
Освен што ги губи плодовите, мечката направила и голема штета на самите дрва, па според неговите проценки, животниот век од 40 години е намален на помеѓу 10 и 15 години.
- Имам јас доста штета оваа година од мечката, како и пред две години. Јас имам плантажа од 30 ореви, чендет, турската сорта ореви кадешто баш сега во самата берба едно три до четири пати влегува во плантажата. Нема начин, мојата плантажа е тотално заградена. Значи, заградена со бодликава жица и дополнителна пластифицирана жица, но сепак знаете како – мечка ко мечка не може да се сопре. Така што, скоро трипати влегува во плантажата и како да ви кажам, од орев на орев, го собира целиот орев, вели Божиновски.
Реканскиот регион и пред две години имаше проблем со мечките. Тогаш локални жители имаа и блиски средби со ова животно, но за среќа немаше посериозни повреди. Активистите бараа да се обезбеди доволно храна за мечките да не се спуштаат во селата. Тогашниот директор на ЦУК, Стојанче Ангелов даде и идеја дел од нив да бидат дислоцирани во други региони во државата.
Според последните податоци, во Националниот парк Маврово има околу 160 мечки, иако нормите налагаат на тој потег да има околу 70. Кафеавата мечка е забранета за лов и се смета за строго заштитен вид. Тоа е регулирано со два закони, Законот за ловство и Законот за заштита на природата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар