Македонија е на петто место во Европа по иселувањето на високообразовен кадар
Над 20 илјади лица кои завршиле факултет во последните неколку години си заминале од Македонија. Според извештајот на ревизија кој денеска се разгледуваше во Собранието, од 2013 до 2021-та, секоја година од земјава си оделе по 2.500 високообразовни кадри. Ваквото иселување државата ја чини 81 милион евра годишно или вкупно над 725 милиони евра.
Според главниот државен ревизор, активностите за намалување на емиграцијата се неефективни.
„Немаме стратегија. Немаме база на податоци, не знаеме кој отишол, кој се вратил, не знаеме кој каде се наоѓа. Немаме адресирање на приоритетни цели што сакаме ние да продуцираме како кадар во нашето општество. Финансираме се и сешто. Знаете колку значи на еден наш граѓанин кога ќе отидете во било која јавна институција да побара една услуга. Еве утрово, една од моите вработени ме пречека „директоре, ако може да ми помогнете.“ Се обратив на една клиника, нема место на терет на фондот, ама има место ако си платам. Ќе ве молам. До тоа дереџе ли дојде нашата држава?“ - Максим Ацевски, главен државен ревизор
Министерката за образование ги оцени бројките како поразителни и најави ревидирање на квотите за упис на факултет врз основа на реална анализа на состојбите во државата.
„На пример, во државата на медицинските факултети годишно се запишуваат 700 студенти, а на земјата веројатно не и се потребни ни 200 нови затоа што секоја седма година очекуваме 60% од нив да завршат и да се вработат, да отидат на специјализација. Но, не се случува тоа затоа што без план се работи, туку тие паралелно учат германски јазик и купуваат карта во еден правец“ – Весна Јаневска, министерка за образование
Според пратеникот од СДСМ и екс премиер Ковачевски, треба да се посочат мерки, ама и да се каже колку и во што треба да се вложи за да се задржат младите дома.
„Колку сме ние како држава подготвени да вложиме за да ги задржиме во државата за тие да можат да продуцираат нова 1 милијара евра БДП во државата“ – Димитар Ковачевски, пратеник на СДСМ
Македонија е во топ 20 земји со иселување на високобразовните и стручни кадри, а на петто место во рамки на Европската унија.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар