Хорор во два дома за стари лица: Им давале храна со поминат рок, погрешни лекови, ги терале да спијат по двајца
Притвор за две сопственички на приватни домови за стари лица во Центар и Бутел поради суров, нечовечки и понижувачки третман на згрижените. Спротивно на сите правила, во собите сместувале мажи и жени заедно. Немале доволно кревети, па дел спиеле на троседи во дневната соба. Имало и случаи кога двајца спиеле на ист единечен кревет.
„Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници – стари лица, иако имала дозвола само за 21 лице, а заедно со второобвинетата во установата во Центар сместиле 33 корисници – стари лица, иако имале дозвола само за 17 лица“, велат од обвинителството.
Во двете установи им била служена храна со поминат рок. Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на дел им давале лекови кои не биле препишани од лекар.
„По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина“.
Надица Кекиќ чија неподвижна мајка речиси 4 години била сместена во домот во Центар за Сител вели дека не ѝ бил дозволен влез во собата каде биле сместена. Посети се правеле во посебна соба или ако е убаво времето, во дворот.
„Јас не знам како изгледаше собата за мајка ми. Дали нешто таму имало или немало не можам да знам затоа што мојата мајка е дементна. Јас кога одам некогаш ме препознава, некогаш не. Таа ми се нема пожалено затоа што поради дијагнозата не може ни да се пожали дека нешто се случува. Последно што се случи, после летните одмори, кога отидов видов дека малку ѝ е устата искривена и окото ѝ е паднато и кога отидов да им укажам дека жената или била на промаја и има пареза на фацијалниот нерв или можеби имала мозочен удар, една од сопственичките ми рече не сум ги видела вчера се вратив од одмор“, вели таа.
Откако домот бил затворен, Кекиќ вели дека не добила помош од институциите за да најде ново сместување за мајка ѝ.
„Вчера во 11:30 ми се јави социјален работник по телефон да ми каже дека до утревечер морам да ја извадам мајка ми од дом и да си ја земам затоа што домот веќе нема да работи. На моето прашање зошто нема да работи домот, ми рекоа дека нема доволно персонал. Јас реков бев пред недела, носев лекови и никој не ми кажа дека затвораат заради немање персонал. Таа ми рече толку знам, пријатно. И ми затвори телефон. Толку беше од социјалниот работник. Отидов да видам што се случува. Пред домот беа сигурно некои 30-ина луѓе собрани да си ги земат своите од таму. Тоа беше еден таков хаос, потпишувавме само некои листови, изјави, дека ги земаме, тие печати немаат затоа што се им е одземено. Сите бевме во таква паника, ни ги носат на тој студ надвор. Па за секој штитеник во ќеса за ѓубре работите му ги фрлаа надвор. Количка не ни дадоа оти не смееле да ни ја дадат, а ја имам однесено и количка и дубак во домот“, ни раскажа Кекиќ.
Според обвинителството, месечно од двата објекти сопственичките заработувале вкупно над 36 илјади евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар