Македонија
8. October 2025 - 16:35

Филипче: Државата им должи на фирмите 700 милиони евра, економијата е во колапс

Исти проблеми, стари барања. Да се изгради инфраструктура до зоната во Визбегово, каде се лоцирани над 100 компании и работат околу 8,000 лица. Комората на северо-западна Македонија  ги презентираше приоритетите пред лидерот на СДСМ. Бараат и домашните компании да имаат ист третман како странските кои се лоцирани во зоните, затоа што парите нашите ги оставаат дома, во матичната земја

Економијата е во колапс, прогнозите на меѓународните институции го покажуваат тоа, вели претседателот на СДСМ Филипче. Странските инвеститори си заминуваат, долговите на државата се таложат, а ликвидноста на фирмите кои редовно ги плаќаат давачките кон државата е сериозно нарушена. Со месеци чекаат поврат на ДДВ и според Филипче во момоентов државата на бизнисот му должи 700 милиони евра.

„Државата не ги исплаќа своите обврски и со тоа сериозно е загрозена ликвидноста на стопанството. Сериозни проблеми со наплатата на повратот на ДДВ, огромен долг на државата и општините, близу 700 милиони евра, од кои близу стотина милиони се за поврат на ДДВ, тоа е реалната слика на економијата денес,“ изјави претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче денеска по работниот состанок со Комората на Северозападна Македонија.

Филипче го повика премерот Мицкоски, наместо, како што вели, да спинува и измислува афери, да ги решава реалните економски проблеми. Животот станува се поскап, платите стагнираат, а ветените проекти кои требаа да донесат подобар стандард, ги нема, вели Филипче. Ако не знае како да ја води државата, време е да си оди, му порача Филипче на Мицкоски.