АХВ спроведе инспекциски контроли во училишни и кујни во градинки - Уништени 83 килограми храна
Три градинки и едно училиште парично се казнети од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Несоодветно чувале и приготвувале храна за деца, а хигиената во кујните не била на задоволително ниво, констатирале инспекциските служби на АХВ за време на контролите во воспитно образовните установи во цела Македонија. Само во септември со почетокот на учебната година инспекторите спровеле 23 вонредни надзори во училишта и 91 контрола во градинки.
- За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна. Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна. За утврдените недоследности во училишните кујни, инспекторите од АХВ изрекле една парична казна, а биле донесени пет решенија со наредба за нивно отстранување, изјави Оливер Миланов, директор на АХВ.
За време на септемвриските контроли во градинки и училишта инспекторите наредиле уништување на вкупно 83 килограми храна.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар