Македонија
17. December 2020 - 13:51

Жител на Дебар загина во сообраќајна несреќа во Германија

Жител на Дебар, кој работел во Германија, синоќа го загубил животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила во близина на градот Кулмбах во државата Баварија.

– Несреќата се случила кога автомобилот марка „мерцедес“ што го управувал Омер И.(31) се судрил со камион и од здобиените повреди починал на самото место на несреќата. Тој во Германија работел како мајстор за прозорци и покриви во позната германска фирма, пишува Frankenpost.de.

За трагичната смрт на момчето објави на Фејсбук и Керим Шкрели кој вели дека е длабоко погоден од оваа трагедија, бидејќи токму тој му помогнал да се вработи во Германија.

– Длабоко ме погоди смртта на момчето од Дебар кое животот го загуби во сообраќајна несреќа кај Кулмбах, кого го донесов на работа во Германија пред две години. Ја остави својата млада сопруга со три дечиња, едното новороденче. Мудро, љубезно, вредно, многу благодарно и почитувано момче. Моето тело и срцето треперат. Сочувство до семејството, роднините, пријателите и другарите. Наскоро ќе го организираме транспортот на телото до неговата татковина, Македонија, пишува меѓу другото Шкрели.

Дебарската јавност со неверување ја прими веста за смртта на момчето, за кое имаат само пофални зборови.

Пред неколку месеци во сообраќајна несреќа во Германија загина 21-годишно момче сто така од Дебар.