Македонија
13. December 2024 - 21:22

Во Софија средба на историчката комисија - Се разговарало за евентуални заеднички чествувања и дискусии за учебници

Македонските историчари вчера и денеска беа во Софија на средба со нивните бугарски колеги. Се разговарало за евентуални заеднички честувања и препораки за македонските учебници за седмо одделение. Од краткото соопштение што го споделија македонските историчари можеше да се заклучи дека средбата на мешовитата историска комисија интензивно се расправало за прашања од делокругот на Комисијата, но дека се поминало во конструктивна работна атмосфера. 

- На средбата стана збор за евентуални заеднички чествувања; дискусија за препораки за македонските учебници за VII одделение; утврдување на динамиката на работа за првото полугодие за 2025 година; Комисијата го усогласи текстот за Нацрт-записникот од 27 седница, стои во соопштението.
Историчарот Петар Тодоров, кој беше дел од претходниот состав на Комисијата, смета дека во време на нарушени политики односи на релација Скопје-Софија, мешовитата историска Комисија не би постигнала резултати. 

Како и порано, така и сега би кажал дека е тешко да се очекува Комисијата да даде резултати и да помогне во градењето подобри односи помеѓу двете држави во услови на нарушени политички односи и доверба. Исто така, доколку Софија искрено бара пријателство наивно е да се очекува Комисијата да биде едниствениот начин за градење на добри односи.

Пред два месеци бугарските историчари дојдоа во Скопје на прва средба со новите македонски колеги. Но средбата беше протоколарна и техничка, како што соопшти тогаш копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров, само се запознавале со новите колеги. Во разговор за Сител тогаш Димитров прашан дали смета дека новиот состав на историската Комисија нема да има политички влијанија, кажа дека не гледа некоја разлика. 

Составот на македонските историчари беше сменет во септември годинава, а за претседател беше ставен Ванчо Ѓоргиев, кој во 2021 година ја напушти Комисијата поради како што рече политички мешања во работата на историчарите. 

Досега Мешовитата историска комисија усвои препораки за заедничко чествување на пет историски лика – светите браќа Кирил и Методиј, свети Наум Охридски, свети Климент Охридски и цар Самуил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија, но запна на Охридската Архиепископија, а за ликот и делото на Гоце Делчев сите обиди да се стави на маса пропаднаа поради дијаметрално различни ставови на двете страни.