Свет
20. November 2024 - 8:27

Зеленски: Украина можеби ќе мора да почека некого да надживее за да ја врати целата територија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето пред парламентот вчера сугерираше дека привремената руска контрола врз украинската територија е веројатно неизбежна се додека е на власт рускиот претседател Владимир Путин.

-Украина можеби ќе треба да надживее некого во Москва за да ги постигне своите цели и да ја врати целата национална територија, рече украинскиот претседател во украинската Рада, пренесе Хина.

Меѓународните медиуми веќе подолго време шпекулираат дека војната во Украина може да биде замрзната по линијата на фронтот дури и ако Киев не ѝ отстапи територија на Русија.

Зеленски во парламентот категорично ја отфрли можноста Украина формално да отстапи територија.

-Ние не се откажуваме од правото на Украина на нејзина територија, нагласи тој.

Зеленски пред парламентот претстави план за зголемување на отпорот на Украина на рускиот притисок, што е насочен кон воените, економските и социјалните напори внатре во Украина. Деталите ќе бидат познати во декември.

Украинското оружје е една од главните гаранции за украинската независност, рече тој, нагласувајќи ги огромните инвестиции во вооружување.

Украинскиот претседател рече дека следната година ќе бидат произведени 30.000 борбени дронови со долг дострел и 3.000 крстосувачки ракети. Се проширува и домашното производство на муниција.

Планот на Зеленски за Украина дојде набргу откако тој го претстави „планот за победа“ на меѓународните партнери во октомври, што вклучуваше барање за упатување покана до Украина за членство во НАТО.

Вчера беа одбележани 1.000 дена откако Украина се брани од целосна руска инвазија со поддршка на нејзините западни сојузници.