Свет
20. November 2024 - 11:05

Трамп го номинира познатиот др.Оз да ја раководи сојузната агенција Медикер и Медикејд

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вчера изјави дека го избрал познатиот лекар Мехмет Оз да ја предводи огромната американска програма за јавно здравствено осигурување – федералната агенција Центри за Медикер и Медикејд(CMS).

Оз, познат како „Д-р Оз“, во 2022 година имаше неуспешен обид за кандидирање за американскиот Сенат. Трамп, кој го поддржа во таа трка, рече дека сега тесно ќе соработува со Роберт Кенеди Јуниор, кого го избра да биде секретар за здравство и благосостојба.

Новоизбраниот претседател вели дека двајцата ќе се справат со „ индустрискиот комплекс на болести и сите ужасни хронични болести што останаа зад него“, како и да стават крај на „расипништвото и мамењето“.

-Нашиот расипан здравствен систем им штети на обичните Американци и го исцрпува буџетот на нашата земја, рече Трамп, додавајќи дека д-р. Оз ќе биде лидер во „промовирање на превенцијата од болести“.

Овој 64-годишен хирург е познат како ѕвезда на малите екрани. Повеќе од десет години имаше свое шоу „Д-р Оз шоу“ кое го прослави.

Но, неговите здравствени препораки беа критикувани од колегите, а тој исто така беше обвинет за промовирање неефикасни или потенцијално опасни третмани или додатоци во исхраната, особено во врска со Ковид-19.