Нов обид за деблокада на процесот за избор на Европската комисија
ЕПП уште во вторникот изрази резерви околу поддршката за актуелната министерка за еколошка транзиција на Шпанија, Тереза Рибера Родригез од СД, која е предложена за извршна потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност. Неа и се забележува за несоодветна реакција при неодамнешните катастрофални поплави во Шпанија, а во овие критики предничи шпанската членка на ЕПП, Народната партија (ПП), која викендов дури најави дека нема да го поддржи изборот на новата Европска комисија, доколку дел од неа биде и Рибера Родригез. Ова беше оценето како обид за префрлање на политичката криза од Мадрид во Брисел, а во исто време шпанските владејачки социјалисти ја обвинија опозициската ПП за „антипатриотско“ однесување.
На резервите на ЕПП, СД одговори со најава дека нема да ги поддржи номинациите на кандидатот за извршен потпретседател на ЕК за кохезија и реформи и за еврокомесар за кохезивна политика, регионален развој и градовите, Италијанецот Рафаеле Фито, кој доаѓа од редовите на десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), како и на Вархеји, близок до екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ).
За да се деблокира изборот на новата ЕК, ПП му предложи на шпанскиот премиер Педро Санчез да номинира нов кандидат за шпански еврокомесар. ЕПП, сепак, засега не бара замена на Рибера Родригез, но инсистира таа да даде објаснување пред Парламентот на Шпанија, како и да се обврзе дека ќе поднесе оставка доколку се најде на суд под обвиненија за „лошо менаџирање со катастрофалните поплави“.
Сепак, извори од Европскиот парламент за бриселскиот портал „Еурактив“ изразуваат оптимизам дека е можно уште денеска да биде постигнат договор за излез од ќорсокакот со изборот на ЕК. Според истите извори, договорот ќе треба го зајакне единството на проевропското центристичко мнозинство во ЕП, кое со децении е предводник на политиката на ЕУ, иако во него нема експлицитно да и се забрани на ЕПП да соработува со екстремно десничарските групации.
Дополнително со пакет договорот веројатно на Вархеји ќе му биде одземена надлежноста за репродуктивните права и подготвеноста за пандемијата, на што инсистираат прогресивните сили во ЕП, а би се зголемиле и ингеренциите на парламентарниот Комитет за здравство и на Поткомитетот за одбрана.
Ваквиот договор би претставувал предизвик за СД, која би требало да ги прекрши своите „црвени линии“ најавени во текот на кампањата за јунските Евроизбори, дека нема да поддржи избор на тврдокорни десничарски кандидати на одговорни позиции во ЕУ. Но, за да „ја спасат“ Рибера Родригез, социјалдемократите најверојатно ќе мора да го поддржат изборот на Фито и Вархеји.
Извор на СД најавија дека на денешната средба нивната лидерка Гарсија Перез ќе изнесе предлог за „пакет договор“, кој потенцијално нема да го содржи нивното претходно барање на Фито да му бидат одземени дел од предвидените надлежности.
Шпанскиот весник „Ел Паис“ објави дека шпанскиот премиер Санчез изминативе денови разговарал со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен со цел да обезбеди поддршка од ЕПП за изборот на Рибера Родригеза, а во замена СД да ја поддржи номинацијата на Фито.
Како дел од „пакет договорот“ се смета и денешната седница на шпанскиот Парламент, на кои Владата и пред се Рибера Родригез ќе одговараат на прашања на пратениците поврзани со владината реакција на поплавите во Шпанија, во кои загинаа најмалку 220 луѓе.
Исходот од денешната средба меѓу трите партии од проевропското мнозинство би можел да биде клучен за да се обезбеди избор на Европската комисија навреме, со цел таа да ја преземе должноста на 1 декември.
Уште од претходно за утре е закажано заседание на Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, на кои треба да се изврши конечна евалуација на номинациите и да се прогласи процесот на сослушување на кандидатите за еврокомесари за завршен. Но, за да се случи тоа, треба да заврши постапката за одобрување на сите предложени членови на ЕК од страна на ресорните комитети на ЕП.
Сето ова е предуслов за исполнување на планот европратениците на 27 ноември, во рамки на пленарното заседание во Стразбур, да гласаат за избор на Европската комисија во пакет. За да биде избрана, новата Европска комисија треба да добие мнозинство гласови на пратениците што ќе гласаат.
Во пресрет на денешната средба на првите луѓе на ЕПП, СД и РЕ, поранешниот претседател на Европската комисија, Романо Проди и екс-еврокомесарот за конкурентност и за внатрешен пазар, услуги, царина и даноци Марио Монти ги повикаа европските лидери да се откажат од ветата за именувањата на Фито и Рибера Родригез.
– Во време кога Европа се соочува со огромни предизвици и на Истокот и на Западот, се надеваме дека внатрешните тензии – особено меѓу традиционално проевропските групи, како Европската народна партија (ЕПП) и социјалдемократите – нема да ги засенат квалификациите на Тереза Рибера и Рафаеле Фито, наведуваат во заедничка изјава Проди и Монти, инаку и двајцата поранешни италијански премиери.
Според нив, користењето на процесот за избор на Европската комисија за домашните политички пресметки, само го поткопува кредибилитетот на ЕУ и претставува ризик за продлабочување на поделбите, кои потенцијално „би го загрозиле вториот мандат на Урсула фон дер Лајен како претседателка на Комисијата“.
– Таквото сценарио ќе ја направи Европа предмет на глобален потсмев во време кога геополитичките промени, особено во САД, бараат посилна и пообединета Европа, истакнаа Проди и Монти, изразувајќи надеж дека „во овој критичен момент кај сите ќе преовладува чувството на одговорност“.
Ново на Сител
-
Штрајк на над 50.000 поштари во Канада поради ниските плати и лошите услови за работа
-
Нема веќе непоразени сезонава во НБА, Бостон му го нанесе првиот пораз на Кливленд
-
Галетановски: Тендер за озвучување на изгорена Универзална сала, дали сте нормални?
-
АХВ: Запленети и уништени 366 килограми месо и преработки од месо во угостителски објект во Охрид
-
Предлог за поведување на стечајна постапка против ЗК Пелагонија АД Битола
-
20 претставки за загадениот воздух поднесени до Народниот правобранител
-
Тројца скопјани искасани од кучиња скитници
-
Од утре повремени врнежи од дожд и снег на планините