Македонија
11. April 2017 - 15:13

Во Собранието се уште се дебатира за измена на днвниот ред

На конститутивната седница во Собранието 11 дена се расправа по третата точка од дневниот ред  - избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Претпладневниот дел од седницата во најголемиот дел помина на толкувања на членовите 78 и 80 од Деловникот на Собранието, дали може или не да се побара измена на дневен ред додека уште трае претресот на третата точка.

СДСМ побара да се премине на четвртата точка од дневниот ред - избор на претседател на Собранието. Со тоа не се согласува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека тоа е спротивино на Деловникот. Тие инсистираат најпрвин да се исцрпи расправата за третата точка - избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ претпладнето од собраниската говорница го праша Томислав Тунтев дали СДСМ дали има платформа или не, по што пратеникот од СДСМ му одговори негативно.

Неговата сопартијка Лилјана Кузмановска ги обвини пратениците од СДСМ дека со денови не дозволуваат дебата за тиранската платформа за, како што рече, да не се обелодени предавството за коешто СДСМ се подготвени и го ветиле да за дојдат на власт.

Пратеникот од НСДП Горан Мисовски пак го повика претседавачот Трајко Вељаноски да покаже доблест и да каже дека не поддржува сценарио кое е во спротивност на парламентарното мнозинство. Тој праша зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат по секоја цена да не дојде до избор на претседател на Собранието.

Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ прави пуч во Собранието. - СДСМ на брутален начин, со процедурални забелешки, како на пазар секој го толкува Деловникот. Вие сакате без процедура да одбере претседател на Собрание. Како што минува времето, надвор има се повеќе народ. На 11 декември СДСМ ги изгуби изборите и без разлика што сте прифатиле, ќе останете во опозиција. Ова е класичен државен удар, а потоа ќе нема враќање назад, Македонија ќе биде дестабилизирана, рече Василевски.

Сурија Рашиди од Коалицијата „Алијанса за Албанците“ меѓу другото рече дека во Собранието се случува класично силување на волјата на малцинството врз волјата на мнозинството преку прекршување на Деловникот.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека никој во Република Македонија ниту пред изборите не гласаше за некои политичари да направат предизборна или постизборна фотосесија со Еди Рама. 

- Делувањето на Еди Рама како политичар нам не ни помогна во односите со албанците во Македонија. Тој го направи тоа од свои политички или незнам какви други изборни или предизборни причини, рече Милошоски. 

Во контекст на тоа праша зошто би ни бил потребан Еди Рама како посредник за животот, проектите и заедничките цели на македонците во Тетово и на Албанците, Турците, Србите и на Ромите. - Само се направи поголема штета, се создаде поголема недоверба и се прекрши еден принцип кој што важи за сите држави, а тоа е немешање во внатрешните работи на било која суверена држава, па макар и таа да е соседна држава, рече Милошоски.

Праша што ќе се случи ако се направи платформа во Белград за БиХ или за Црна Гора, или што би било ако се направи платформа во Приштина за тоа кој во Тирана треба или нетреба да формира влада. - Таквото однесување е само еден неодмерен поттек на некој којшто во тој момент не бил на нивото на својата задача, рече Милошоски.

Според него, постизборните платформи се изборна измама за довербата која граѓаните ја дале на изборите.

Претседавачот со седницата Трајко Вељаноски даде редовна пауза по која пратениците ќе ја продолжија расправата.