Македонија
4. May 2025 - 19:55

Партнерот на Рамајана ја убил пред 5-годишната ќерка

Синоќа во Шуто Оризари, маж си ја усмртил сопругата во нивниот дом, а потоа се обидел да избега преку граничниот премин Табановце. Уште една жена животот го загуби таму каде што требаше да биде најбезбедна – во сопствениот дом. Семејното насилство останува една од најтешко препознатливите, но и најразорните форми на насилство.

Денеска беше погребана Рамајана. Убиена со повеќе убоди од нож, од страна на нејзиниот партнер-злосторство што нејзините блиски го опишуваат како сцена од хорор филм. На трагедијата сведочело и едно од нејзините малолетни деца.

„Првиот осомничен, вчера при вршење на семејно насилство во домот во Шуто Оризари, ја лишал од живот својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. Делото го извршил во присуство на 5-годишната ќерка. На жртвата и нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, од кои таа починала на лице место“, стои во соопштението од Обвинителството. 

Оружјето со кое била убиена Рамајана е пронајдено, заедно со крвавата облека што убиецот се обидел да ја сокрие. Доказите ќе бидат предмет на вештачење. Во обидот да побегне од земјава, му помогнало и друго лице-му дало нова облека и го превезло до Табановце, од каде што планирал бегство. Но, полицијата го спречила.

Обвинителството сега бара притвор и за убиецот и за оној што му помогнал да избега.

Насилникот и бил познат на полицијата, бидејќи ја тепал и неговата претходна сопруга, сведочи Фатима Османовска. Убиената Рамајана повеќе пати го пријавувала во полиција, вели Османовска, но оттаму си заминувала само со утешни зборови од полициските службеници дека ќе се смири со сопругот, системот кој требал да ја спаси-потфрлил.

„Во неколку наврати се имам јас лично јавено во полиција за да реагирам, меѓутоа ја бараа жртвата сама да пријави, сведок сум последно дека во јануари пријавила заедно со нејзиниот татко. Тој е сведок колку пати пријавила, колку пати неуспешно пријавила, за жал пред полиција. Одговорот на полицијата во сите овие наврати е дека ќе се смират, секогаш одговорот на полицијата бил “Повторно ли вие? Ќе се смирите.”Тој одговор е неприфатлив ”, вели Османовска. 

И адвокатот Срѓан Амет тврди дека убиената Рамајана континуирано го пријавувала нејзиниот партнер во полиција дека ја тепа. 

„Континуирано она ми покажувала колку пати била тепана и со слики и колку пати она претходно пријавувала во полициската станица во која што живее, но од страна на полициските службеници немаме конкретни никакви информации што било преземено. Претпоставувам информативен разговор е направен со насилникот, но немам информации што понатаму е направено. Со оглед на тоа што, таа веќе заврши трагично и е почината, претпоставувам дека не се преземени соодветни мерки”, вели адвокатот Срѓан Амет.

Од МВР известија дека од починатата жена претходно нема пријава за семејно насилство. 

Подолго време во јавноста се бара измени на Законот за семејно насилство за државата по службена должност да го гони сторителот на семејно насилоство, а не да биде по пријава на жртвата. Се бара и поголема ажурност од полицијата кога постапува по пријави за семејно насилство. 

Откако фемицид беше воведено како посебно кривично дело во Македонија во 2023 година и се заострија казните, до сега се изречени две доживотни казни затвор. 

Во првиот случај, осудениот на доживотен затвор Усеин Рашидов кој со 40 убоди од нож ја уби Танкица Маладеновска пред нејзиниот дом во Кочани во 2023 година. Таа претходно го пријавувала во полиција бидејќи и се заканувал дека ќе објави и ја уценувал со компромитирачки фотографии и барал пари.

Жртвата го пријавила во полиција, но институциите не реагирале навреме. Насилникот подоцна за самоуби во штипскиот затвор.

Втората доживотна пресуда за фемицид ја доби Фадил Зејнелов кој лани на свиреп начин ја уби 29-годишната Емилија Пешева.