Македонија
4. May 2025 - 16:39

Возачот кој на пешачки ја удри Фросина Кулакова седнува во судница

Возачот кој на пешачки ја усмрти 22 годишната Фросина Кулакова, седнува на обвинителна клупа. Во петок на 9 мај Васил Јованов влегува во судница. Според календарот на судења на Основниот кривичен суд, закажни се две рочишта, а случајот ќе го води судијката Снежана Марковска. 20 годишниот Јованов, ќе одговара за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за кои е запретена максимална затворска казна до 20 години.

На крајот од јануари се случи кобната сообраќајка. Додека 22 годишната неготинчанка нешто пред полноќ минувала на пешачки премин и вклучено зелено светло на семафорот на булеварот Партизански одреди, во неа со автомобил пежо удрил Јованов. Зад управувачот седел пијан со 0,80 промили алкохол во крвта, без положен возачки испит, не застанал на црвено и движел со брзина од 91 километар на час. 

„Со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци.Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место“, се вели во обвинението против Јованов.

Почетокот на судењето, Јованов го чека во притвор. За случајот, но во друга постапка ќе му се суди и на неговиот татко. Зоран Јованов е Обвинет за предизвикување општа опасност бидејќи повеќе од две години му дозволувал на својот син да управува автомобил иако не поседувал возачка. Во тој период, младиот Јованов сторил 11 сообраќајни прекршоци. Не застанувал на пешачки, не почитувал семафори и возел под дејство на алкохол.