Свет
15. October 2016 - 19:02

Во Лозана започна меѓународната средба за Сирија

Во швајцарскиот град Лозана започна меѓународната средба за Сирија, на која учествуваат САД, Русија и главните регионални сили, кои се засегнати од воениот конфликт.

Покрај американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во разговорите учествуваат и министрите за надворешни работи на Јордан, Турција, Египет, Катар, Иран, Ирак и Саудиска Арабија.

Оваа средба е уште еден обид да се најде дипломатско решение за сирискиот судир, кој трае повеќе од пет години.

Непосредно пред почетокот на состанокот, Кери и Лавров имаа тет-а-тет средба, првпат од почетокот на офанзивата на сирискиот режим врз квартови на Алепо, кои се под контрола на бунтовниците.

Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека на средбата во Лозана шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу ќе предложи Турција да се придружи кон офанзивата на ирачката војска, предводена од САД, за протерување на борците на Исламска држава од ирачкиот град Мосул. Ердоган вчера предупреди дека доколку турскиот предлог биде одбиен, Анкара ќе мора да преземе „план Б“, не прецизирајќи што би можело тоа да значи.