Ремонт на градски воз
Властите почнаа со ремонт на градски воз. Според најавите од мај следната година, ако патувате со воз од Зелениково до Центар ќе стигнете за 25 минути, а од Драчево во Центар за 11 и тоа сосе застанувања на пропратните станици. Очекувањата се дека токму со овој проект ќе се намалат секојдневните нервози на граѓаните со градскиот јавен превоз.
„Вкупно 25 километри кои што започнуваат од Зелениково, потоа продолжуваат низ Јане Сандански, овде во Драчево, потоа продолжуваме во Лисиче и завршуваме во главната железничка станица. Овде има седум железнички станици кои ќе собираат патници“, изјави Синиша Ивановски, директор на „Македонски железници – инфраструктура“.
„Како Град Скопје ќе бидеме целосно логистички вклучени во процесот, земајќи в предвид дека на новите точки или станици ќе се адаптираме со јавното сообраќајно претпријатие за да нема со часови или по половина час чекање од страна на граѓаните за да дојде возот, туку према потребите, односно кога ќе треба воз на железничката, тогаш ќе има и автобус од ЈСП да бидат достапни“, кажа Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Покрај оваа, планирани се уште две траси за да се комплетира крајната цел - со воз до секој дел од метрополата.
Догодина планираме втората траса да биде проектирана и да почне да се изведува. Таа е од Волково, Скопје Север и завршува на главната железничка станица. За 26-та, односно 2027 година да биде последниот дел од Миладиновци, до Илинден за да заврши на главната железничка, изјави Синиша Ивановски, директор на Македонски железници – инфраструктура
Паралелно на оваа делница, се гради уште една, од Драчево до Илинден, а исклучиво е наменета за товарниот сообраќај.
Првата фаза на градски воз од Зелениково до Центар е во должина од 24,5 километри и чини 5,7 милиони евра. Втората делница од Драчево до Илинден која е во должина од 7,7 километри, ќе биде готова до Нова Година и чини 3 милиони евра.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
