Бројот на пациенти со карцином на простата во постојан пораст
Се зголемува бројот на пациенти со карцином на простата на Истокот, а се намалува старосната граница. Најмладиот пациент имал само 36 години. Лекарите алармираат, болеста се почесто се појавува и кај помладата популација. Урологот во Клиничка болница-Штип, Венцо Шопов вели дека раното откривање е важно, бидејќи ракот на простата во почетен стадиум може целосно да се излечи.
-Бројот на пациенти е постојано во пораст како дијагноза карцином на простата, а ние во последно време, бидејќи месец ноември е месец на машкото здравје, правиме скрининзи. Ги правиме преку целата година, но овој месец ќе имаат бесплатни прегледи, за да порано се дијагностицира некои од промените кои доведуваат до рак на простата, бидејќи ракот на простата во почетен стадиум, можеме целосно да го излечиме со оперативно лекување. Еден од карциномите каде што медицината има големо влијание, изјави д-р Венцо Шопов, уролог, КБ- Штип.
Новиот начин на живот, стресот, нервозата, пообилната масна исхрана, пушењето, конзумирање алкохол, се само дел од причините поради кои карциномот на простата се јавува и кај помладите.
-Еден од апелите, посебно до помладите до 50 години, е да имаат секојдневна физичка активност, дали тоа e пешачење или тренинг, кошарка, фудбал, треба сами да си одредат, но важно е да имаат физичка активност, додаде Шопов.
За мажите над 50 годишна возраст лекарите препорачуваат редовни контроли кај уролог.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
