Македонија
7. November 2025 - 16:38

Скопје се чисти, а од понеделник нови 55 приватни автобуси ќе возат низ градот

Акцијата Скопје да биде чисто веќе започна, службите работат на терен, се чистат контејнери меѓутоа се уште има локации во Скопје, каде што сметот и ѓубрето не се подигнати. Рокот на новиот градоначалник Орце Ѓоргиевски, Скопје повторно да блесне истекува во недела навечер.
Некаде чисто, некаде се чисти, но на сликата не изостанаа и преполните контејнери со отпад наоколу. Возилата на Комуналната хигиена денеска можеа да се видат насекаде по булеварите. Се празнеа полните контејнери. 

Но, делови од Скопје денеска по месеци натрупан отпад, беа чисти. Службите и стоте возила со кои вчера новиот градоначалник Ѓоргиевски ја започна акцијата ја завршиле работата. Службите синоќа го миеја и плоштадот и кејот на Вардар. Ветувањето е дека до недела Скопје ќе биде ослободено од неколку месечниот натрупан отпад. Колку отпад собрале  ќе соопштат утре. 

На околу 400 лица им се прекинати договорите за работа бидејќи не работеле, а земале плата. Најголемиот дел од нив се од КХС и ЈП Паркови и зеленило. Ѓоргиевски на нивно место нема да вработува други, зошто се покажало дека може да се работи и без нив. 

Премиерот е задоволен од акцијата, а според него лошите политики на опозицијата го довеле Скопје во оваа состојба. 

Со месеци ВМРО-ДПМНЕ го блокираше собирањето на сметот, за Орце да си направи ПР кампања, реагираат од опозициската СДСМ. 

„Додека светот и регионот напредуваат со вештачка интелигенција, додека нашите соседи праќаат сателити во орбитата, ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски не доведоа на тоа дереџе, на намерни блокади за да се прави ПР.Скопје и скојани не заслужуваат ваков потценувачки однос туку чист, модерен и организиран град, со систем кој функционира, а не трикови за ПР употреба“, соопштија од опозициската партија.

Акцијата започна, ѓубрето се чисти, а новиот скопски градоначалник ќе го решава и проблемот со јавниот превоз. 55 нови автобуси на приватните превозници од понеделник ќе почнат да сообраќаат низ Скопје. До нова година приватните превозници треба да стават уште 20 автобуси во функција, а веќе на почетокот на следната година Ѓоргиевски најави нови 80 автобуси на ЈСП. 

Приватните превозници се жалат, бараат повеќе линии на ЈСП бидејќи тие не можат да постигнат, автобусите им се кршат од пренатрупаност на луѓе, не можат да вработат ни нови возачи бидејќи не им се исплатени парите. Долгот кон приватните превозници е околу 180 милиони денари.

Во соработка со менаџметот на градот, Ѓоргиевски најави координација на автобуските линии, на некои места ќе се вметнат нови линии, а на други линии е се редуцираат автобусите.