Македонија
7. November 2025 - 16:39

Даме Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ избран за нов претседател на советот на Град Скопје

Почна со работа новиот Совет на Град Скопје. Распоредот на силите е шарен: ВМРО-ДПМНЕ има 18 советници, по 6 советници имаат Левица, Вреди и ДУИ, а СДСМ пет. По еден советник имаат коалицијата „Искуство за успех“, ЗНАМ и граѓанските листи на „Независни заедно“ и „Зелен хуман град“. 

На денешната конститувна седница, советниците дадоа свечена изјава дека ќе работат совесно и ќе ги почитуваат законите. За нов претседател на советот беше избран Даме Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ. „За“ гласаа 23 советници. 

„Ова собрание ќе има различни ставови по различни прашања, но не смее да има непријатели во советот. Ќе водам седници во дух на почитување, аргументирана дебата и конструктивност затоа што само така можеме да донесеме одлуки што навистина ќе му користат на градот. Ова не треба да биде совет што само зборува, туку најпрво треба да биде совет којшто слуша. Иако градот има многу дневни проблеми. Сакаме да градиме Скопје за следните генерации, да вложуваме во трајни проекти, зеленило, урбана култура, иновации, и нови можности за младите во градот“ – Даме Димитровски, претседател на совет на Град Скопје

Пред гласањето се појави првото несогласување во редовите на СДСМ.

„Советничката група овојпат ќе гласа воздржано за да не ни се повторат оние 4 години, да видиме како ќе почне работата, инаку господинот Димитровски ја има целосно нашата поддршка“ – Катерина Цаневска Арсовска, советничка на СДСМ

„Добиваме предлог, што би рекол народот, што ќе пали и гаси во градското собрание. Со оглед на тоа дека доаѓа од фирма која се палеше и се гасеше, додуша Дрисла поуспешно се палеше отколку што се гасеше, но нејсе. Јас ќе се иземам од советничката група на СДСМ и ќе гласам против“ – Горан Симоновски, советник на СДСМ

„И на оваа конститутивна седница сме сведоци на политиките на СДСМ денес во случајот. Прво го поддржуваат претседателот, потоа не го поддржуваат“ – Анета Марковска Илиевска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ 

„Според деловникот, за претседател на совет не се гласа против, се гласа само за. Значи или гласате или не гласате“ – Катерина Јовановска, советничка на Левица 

Градоначалникот Ѓорѓиевски очекува советот да биде извор на идеи и решенија, а не на поделби. Посочи дел од клучните приоритети. 

„Да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме кој ќе го поврзува сите делови од нашиот град. Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација, и безбедноста на нашите улици. Уште од вчера бевте сведоци дека од првиот ден по преземањето на градоначланичката функција, почнавме „генералка“ за чистење на нашиот главен град. И тоа нема да биде само 72-часовна акција, тоа ќе продолжи во континуитет, буквално секој ден. И она што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака, се се може“ – Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје

Советниците веќе следната недела ги очекува сериозен предизвик – ребаланс на буџетот. Роковите се кратки, па градската каса треба да биде прекроена до следниот петок.