Loading Video...
Свет
8. November 2025 - 16:31

Преглед на вестите од светот

Најмалку две лица загинаа а повеќе од 11 се повредени во рускиот воздушен напад врз станбен кварт во Днипро.

Украина пријави и нов руски напад врз нејзината енергетска инфраструктура во текот на ноќта, во кој едно лице загина, а неколку региони останаа без струја. На пат кон освојување на важниот логистички центар Покровск на исток, руската војска ги интензивира и воздушните напади врз гасните и енергетските постројки низ цела Украина, во пресрет на зимата кога тие се неопходни за загревање на домовите.

Три украински дронови во текот на ноќта ја погодиле електричната трафостаница во руската област Вологда, соопшти регионалниот гувернер но снабдувањето со струја не било прекинато. Официјална Москва потврди дека нејзината одбрана соборила повеќе од 80 украински дронови.

Унгарија ќе добие едногодишно изземање од новите санкции поврзани со користењето руска нафта и гас од страна на Соединетите Американски Држави. Оваа одлука следи по личната интервенција на премиерот Виктор Орбан за време на неговата вчерашна средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон

Орбан, кој важи за еден од најблиските европски сојузници на Трамп, го убедувал лидерот на САД дека Унгарија нема алтернатива на руската енергија поради географската положба и зависноста на домашната економија.

На состанокот Трамп уште еднаш ја потврди својата политичка поддршка за Орбан кој во Будимпешта за прв пат се соочува со опозиција која на анкетите има подобар рејтинг од неговиот.

Американскиот Сенат повторно го одби предлогот на Републиканците кој требаше да им овозможи плата на стотици илјади федерални работници по најдолгиот владин шатдаун во американската историја, ситуација во која федералната влада веќе 39 дена е оставена без финансии бидејќи не е изгласан федералниот буџет.

Поради тоа од 1 октомври, САД не може да плаќа стотици илјади вработени под државна капа, пред се администрацијата но и работници на важни работни места како обезбедување на аеродроми и други федерални служби од кои зависи безбедноста.

Претходно најдолг бил шатдаунот во претходниот мандат на Трамп кој траел 35 дена. 16 дена без финансии останала администрацијата на Обама а 21 ден онаа на Клинтон.

Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што избувна утрово во магацин на фабрика парфеми во северозападна Турција. Според снимките кои ги објавија локалните медиуми изгорени се два спрата од зградата во која што се наоаѓала фабриката.

Спасувачките екипи успеале да го стават огнот под контрола. Нема информации за причините кои го предизвикале пожарот.