Македонија
24. May 2016 - 13:07

Вељаноски: Политичарите да го следат примерот на св.Кирил и Методиј и дадат придонес за државата

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, кој ја предводи државно-црковната делегација на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“, денеска од базиликата „Сан Клементе“ го честита празникот на македонскиот народ и порача на сплотеност на Македонците, јави известувачот на МИА. 

Македонија и македонскиот народ по 48-ми пат во конитунитет, како што рече, дава почит на светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските просветители кои што придонеле многу за писменоста на европските држави и особено за Македонците и македонскиот народ.

- Секогаш укажувам дека основна порака е оти треба да има сплотеност на Македонците и македонскиот народ за Македонија, затоа што тоа го заслужуваат и предците и потомците и иднината и минатото. Се да се вклопи во едно и сплотеноста да даде придонес за иднината на нашите деца, на Македонија и македонскиот народ, порача Вељаноски. 

Тој додаде дека треба да ни бидат пример сите кои претходно придионеле, како што се браќата Кирил и Методиј и исто така и свети Климент за кој годинава одбележуваме 1100 години од упокојувањето.

- Тоа  е примерот за нас политичарите што треба во нашето време, за време на нашето политикување да придонесеме за државата која ја претставуваме, истакна Вељаноски по завршувањето на молебенот на гробот на свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, со што се заокружи манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“, која годинава се одржа по 48 пат.