Македонија
28. November 2024 - 16:34

Скопје од понеделник под блокада

Скопје в понеделник под блокада. Ако нема решение за барањата на приватните превозници, ќе ги блокираат клучните сообраќајни артерии во градот. Според информации на Сител, тоа ќе бидат Автокоманда, Народна Банка и мостот во Нерези. 

- Доколку нема решение да се најде до понеделник, ние се извинуваме, но ќе мораме да настапиме со штрајкови и блокади на улиците, вели Влатко Тодоровски, приватен превозник.

Бараат веднаш да се промени тарифникот за поминат километар. Во моментов ЈСП за услугата им наплаќа 68 денари со ДДВ за поминат километар, но велат, се е поскапено, сега не им се исплати.

- Замолувам да се најде решение да не трпат граѓаните. Ние сакаме да работиме, да останеме во оваа држава, да работиме, да придонесуваме. Луѓето 30 години работат во овој бизнис, сега ги бркаме да си одат од државата.

- Не сакаме да бараме виновници. Сите тие што се на одговорна позиција, сите што земаат плата од граѓаните се должни да им обезбедат превоз. Ние бараме решение, бараме проширен состанок за да најдеме решние за овој проблем.

Додека превозниците бараа решение за проблемот, градоначалничката испрати допис, генерално насочен кон претседателот на Советот на Градот Славески. Вели, уште завчера е доставена иницијатива за отпочнување на постапка за покачување на цените, од страна на советникот Горан Арсов. Но  Славески, според побарал мислење од градоначалничката, но потоа ја известил дека нејзиното мислење е нерелевантно со што, според Арсовска, го прекршил Статутот и Деловникот за работа на Советот.

- Претседателот на Советот нема право да толкува мислење на Градоначалник ниту истото да не го прифаќа, туку  само да го достави до Советниците. Дали овие чекори се поради непознавање на Деловникот за работа на Советот на Град Скопје кој има 64 страни, кој досега Претседателот требало да го прочита и знае, или поради обид за креирање на нова криза во јавниот превоз во Град Скопје, тоа оставам да го процените сами, вели Арсовска.

Славески веднаш и одговори. Побара од приватните превозници да не потпаѓаат на нејзините манипулации, зашто постоело шанса да останат на улица. Но побара и од Владата да ги искористи сите механизми доколку приватните превозници го блокираат градот.

-Доколку оваа состојба ескалира поради инаетот на Арсовска Владата, затоа што е прогласена вонредна состојба, има мерки и има инструменти да го реши овој проблем. Па во кризна состојба, доколку дојде до блокирани улиците се носат булдожери, се расчистува улицата.

Советничката Ирена Витина вели дека се ова е оркестрирно од страна на мнозинството во Советот за да се создаде дополнителна криза. Вели дека Славески им го ускратува правото на советниците да дискутираат и да донесат одлука.

- Вонредна седница значи веднаш и сега. Ни утре, ни задутре, ни празник ни делник. Ако стигне барањето во 1 часот, во 6 можеме да се состанеме. Тоа е наша обврска кон граѓаните ако имаат проблеми. А имаме проблеми, имаме проблеми за жал, затоа што некому така му одговара. 

Приватниците не сообраќајаат од вчера. Во меѓувреме, ЈСП ги троши државните резерви на нафта кои ги доби од владата. Засега нема информација дали воопшто ЈСП е влезено во преговори со некој за да обезбеди нафта додека не заврши целата процедура за двегодишниот тендер. Огласот завршува на 3 декември.