Македонија
28. November 2024 - 16:36

Судски совет предлага продолжување на мандатот на Весна Дамева

Весна Дамева да остане на функцијата претседател на Судски уште осум месеци. Ова е предлогот на советот кој на работен состанок заклучил дека претседателскиот мандат се извршува две години. Дамева барала дефинирање на точниот датум до кога треба да ја извршува функцијата, бидејќи како што објаснува двапати била разрешена. 

„За правното прашање околу времетраењето на мандатот, иако членовите на Советот имаа свој став, сепак, беа консултирани и правни експерти и еминентни стручни лица од областа на правото, па само се потврди ставот на мнозинството дека мандатот треба фактички да се извршува 2 години“, пишува Дамева во своето соопштение.

Таа појаснува дека одлука за продолжување на нејзиниот мандат не е донесена. На петти идниот месец завршувал нејзиниот претседателски мандат, а како што вели Дамева, законот не предвидел констатирање истек на мандатот, туку само избор на нов претседател..

Во меѓувреме, од Министерството за правда, прстот за лошата слика во правосудството го вперија во Судскиот совет. Затоа и се подготвувал нов закон.

„За целосно надминување на состојбата и ситуацијата која се повеќе ескалира во јавноста во Судскиот совет е причинител за негативните извештаи и од домашните и од меѓународните фактори и за целата состојба во судството, не е доволна само квалитетна законска рамка, туку е потребно и доследно применување на законските решенија и почитување на етичките правила од страна на сите чинители, особено од страна на Претседателот и членовите на Судскиот совет“, изјави Заменик министерот за правда Ален Деребан. 

За прв човек на Судски, Дамева беше избрана во декември 2022та. Лани советот ја разреши бидејќи ги нарушила меѓучовечките односи, а со одлука на Управниот суд беше вратена на претседателската функција.