Утре започнува предвремениот откуп на тутун, ќе се откупува од 10 откупувачи на 337 ваги низ Македонија
Утре започнува предвремениот откуп на тутунот кој што ќе се откупува од 10 откупували на 337 ваги низ Македонија. Од 10-те откупувачи утре со откуп стартуваат само Тутунски комбинат Прилеп и неготински Кавекс.
Другите откупувачи тактизираат и сакаат да видат како ќе се откупува тутунот дали по класи или целиот во една класа и каква ќе биде цената, дали според договорите каде за прва класа e 420 денари за килограм или сепак ќе оди нешто повисоко. Дали ќе има повисока цена денеска не можеше да каже ниту министертот за земјоделство кој го посети ТКП.
„Оваа година имаме одличен квалитет на тутунот што значи дека ќе ја продолжиме традицијата на едно квалитетно производство. За разлика од лани постигнавме еден сериозен успех и имаме околу 11% зголемени површини и пријавени земјоделски стопанства во делот на одгледувачи на тутун што значи дека го враќаме овој стратешки производ на пиедесталот. На рамките како што бил во минатото“, изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Трипуновски нагласи дека за целото време на откупот процесот ќе го следел земјоделскиот инспекторат. Од Сојузот пак на тутунски здруженија рекоа дека ќе бараат повисоки цени се до крај на откупот.
„Очекуваме оваа реколта да помине многу лесно и да биде брз откупот. Така што тутунарите не треба да се плашат дека ќе биде откупен тутунот до последно кило. Ние немаме престанато со преговори со откупувачите и ќе бараме се до крај поткревање на цените, колку ќе успееме ќе видиме“, рече Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.
Годинава се очекува родот на ниво на држава да тежи некаде помеѓу 22 и 24 милиони килограми.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
