Трамп не сака средба со Путин се додека не биде сигурен за постигнување договор за мир во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп не планира средба со рускиот претседател Владимир Путин се додека не верува дека е постигнат договор што ќе обезбеди мир меѓу Русија и Украина.
„Мора да знаеме дека ќе постигнеме договор, нема да губам време“, изјави Трамп во Доха.
Специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за инвестиции и економска соработка, Кирил Дмитриев, претходно за Си-Ен-Ен во Вашингтон изјави дека верува оти неговата земја, САД и Украина се блиску до дипломатско решение за ставање крај на војната во Украина.
Потоа Дмитриев рече дека средбата меѓу Доналд Трамп и Путин не е откажана, како што изјави американскиот претседател, и дека двајцата лидери веројатно сепак ќе се сретнат.
Трамп е во посета на Катар, на првата станица од неговата голема азиска турнеја, што ќе кулминира со средба со кинескиот претседател Си Џинпинг в четврток.
Американскиот претседател рече дека се надева на „многу добар состанок“ со својот кинески колега и очекува Пекинг да постигне договор за избегнување дополнителни 100-процентни царини што треба да стапат на сила на 1 ноември.
Во меѓувреме, Трамп рече дека е „отворен“ за средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на турнејата, негова прва посета на регионот откако се врати на власт во јануари. Тој ќе ги посети Малезија, Јапонија и Јужна Кореја.
Во Куала Лумпур, американскиот претседател ќе учествува на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) денеска, кој постојано го игнорираше за време на неговиот прв мандат.
Се очекува да склучи трговски договор со Малезија и да биде сведок на потпишувањето на мировниот договор меѓу Тајланд и Камбоџа, со кој беше прогласен прекин на огнот на 29 јули.
Американскиот претседател ќе отпатува утре за Јапонија каде што следниот ден ќе се сретне со Санае Такаичи, која оваа недела стана првата жена премиер на јапонската влада.
Турнејата ќе заврши во Јужна Кореја, каде што се очекува Доналд Трамп да присуствува на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) што започнува в среда, на чии маргини ќе се сретне со Си Џинпинг во Гјонгџу в четврток.
Ново на Сител
-

Најстудено во Берово, најтопло во Маврови Анови и Виница
-

Млад кумановец загина во сообраќајна несреќа во село Длабочица
-

Најмалку 20 загинати и 320 повредени во силниот земјотрес во северен Авганистан
-

ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи со Скопје и 54 општини, ВРЕДИ со 9, СДСМ 6, НАИ 4, ЗНАМ и УР по 1, а во една независен кандидат
-

Меси има силна желба да игра на Светското првенство 2026
-

Меѓународните набљудувачи ќе презентираат наоди за вториот круг од Локалните избори 2025
-

Трамп: Можна е воена акција во Нигерија ако не запре убиството на христијани
-

Мирно е утрово пред Собранието на Србија по синоќешните инциденти, полицијата ноќеска привела 37 луѓе
