Македонија
13. September 2023 - 16:31

Сведоштво за битката со системот на пациентите од Онкологија

 Кога ќе слушнете дека имате рак е тешко. Кога ќе дознаете дека има метастази е уште потешко. Но кога за соодветно лекување ќе се сопнувате на секој чекор и наместо со болеста ќе се борите со цел систем е најтешко.

-Сватив дека нашиот здравствен систем е болен. Поболен е од мене, вели Јулијана Тричковиќ, онколошки пациент.

Јулијана од Куманово има рак на дојка и веќе 4 години е онколошки пациент. Таа е наставник по македонски јазик пред пензија со скратено работно време, но и со скратени нерви од патот што го изодила. Скандалот на Онкологија ја погодил многу и уште повеќе ја зголемил неизвесноста, но вели само ја отворил Пандорината кутија со сите проблеми со кои се соочуваат најтешко болните.

-Кога отидов на Онкологија го доживеав најголемиот шок во животот. Гужви, 200 луѓе пред ординација во ходник еден на еден..Нервози, галами...вели Јулијана.

Но не се само гужвите тие што ги исцрпуваат малигно болните. Кога ќе слушнат од онкологот дека е потребна комјутерска томографија или друго снимање, пак почнува голготата. Јулијана досега за се одела на приватно.

-Таму среќавам млади, кои може да ми бидат деца. Изнемоштени зашто чекаат со месеци за пет скен...термини нема. Во кревети неможат да ги внесат во ординација па лекарот излегува во ходник ги прегледува. Ужас..се тоа се случува пред сите пациенти, вели Јулијана

Јулијана му порача на министерот за здравство ненајавен да дојде на Онкологија за да ја види целосната слика. Вели неопходна е промена на целиот здравствен систем во третманот на малигно болните.

-Лекарите се лекари и им благодарам, ама не се богови и тие се луѓе..никој не е имун на злото а секој може да го снајде истото, вели Јулијана.

И над попот има владика па така и пораката на Јулијана до пациентите е да не трпат неправди и гласно да зборуваат за нив. Таа вели дека е борец и битките ќе ги тера до крај.

-Јас сум борец, засега добро ми оди со ракот сме 1 на 1 па ќе видиме како ќе оди, вели Јулијана.

Предистржната постапка за скандалот на Онкологија е прерподажба на терапија на грбот на болните. Но без целосен ресет нема ништо да се реши, порачуваат пациентите.