Македонија
11. May 2025 - 16:28

Мицкоски е подготвен да оди во Кочани да разговара со родителите на загинатите во “Пулс”

Премиерот Мицкоски ќе се сретне во Кочани со родителите чии деца загинаа во пожарот во Пулс, откако тие одбија да одат утре на средба во Владата со него и го повикаа да дојде во нивниот град да разговараат.

Мицкоски вели, иако до него не стигнала официјална покана, прифаќа да разговара со нив и да понуди помош.

Вчера родителите на загинатите деца напишаа писмо дека не ја прифаќаат поканата од Кабинетот на премиерот, бидејќи е задоцнета, а голем дел од родителите не можат да одат во Скопје поради последиците од трагедијата. Го повикаа да дојде во Кочани.

Од СДСМ денеска повторно побараа владејачкото мнозинство во Парламентот да го поддржи нивниот прелог закон за финансиска и институционална поддршка како на семејствата на загинатите во трагедијата, така и на повредените.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, ги повикаа да престанат да ја политизираат трагедијата во Кочани, а тие како Влада давале помош и ќе продолжат да даваат.

-Владата ја стави на располагање целата државна помош којашто им е потребна на оние кои се со последици од трагедијата. И тука нема да застанеме, затоа што ова е процес којшто ќе трае со години, а Владата нема да ги заборави овие граѓани, како што СДС и ДУИ ги заборавија повредените и загинатите од Ласкарци, Беса транс, Модуларна болница, Онкологија, КОВИД кризата и сите оние коишто не добија ниту правда, ниту одговорност, ниту помош од државата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Истрагата за пожарот во Пулс, според најавите на обвинителот Коцевски треба да заврши кон средината на јуни.